Со „весела математика“ до недокажан притисок врз МРТ

 

[Рецензија: Власта врши невиден притисок врз МРТ – јавниот сервис треба да биде сервилен за промена на името]

 

Во написот се вели дека самиот портал направил мерење на застапеноста на власта и опозицијата во МРТ и заклучил дека „власта има речиси тројно поголема застапеност во однос на опозицијата“, Но, малку попродлабочена анализа на оние сиромашни резултати од овој мониторинг, а кои се објавени во написот, навестува користење „весела математика“, при што се спомнува и постоење на методологија за овој мониторинг, но таа речиси воопшто не е објаснета. И покрај сето тоа, медиумот тврди оти „власта врши невиден притисок врз МРТ“ за да биде „сервилен за промената на името“.

Линк до оригиналниот напис: Власта врши невиден притисок врз МРТ – јавниот сервис треба да биде сервилен за промена на името

Датум и време на објавување: 3.8.2018, 21:23

Датум на рецензирање: 6.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Најголем проблем со овој текст е фактот што не е објаснета методологијата како е вршен мониторингот на МРТ. Дали биле опфатени сите емисии, најави, коментари, прилози во вестите, дебатните емисии итн. или само некои од нив? И по кои критериуми се избирани емисии за мониторинг? За периодот што го следеле посочуваат минутажа за само две интервјуа во февруари 2018 година (на министерот за финансии, Драган Тевдовски ,и кординаторот за НАТО, Стево Пендаровски), но не е спомнато зошто се издвоени само тие две интервјуа, кога во тој период имало и други, како на пример интервју со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, од 4 јануари 2018 година во траење од 40 минути. Не се спомнати ни другите интервјуа, во овој период: со Александар Николовски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, на пример. Не е објаснето зошто во „репрезентативниот примерок“, како што се наречени месеците во кои е вршен мониторингот, не е опфатен и месец март, односно е прескокнат (мерени се јануари, февруари, април и мај) и која била причината тој месец да не влезе во мониторингот. Тоа покажува дека следењето не било во континуитет четири месеци што дава повод за сомневање во референтноста на истражувањето, како и дека тенденциозно се избирани месеците во кои е вршен мониторингот.

Направена е конструкција и обид за дискредитација на одговорниот уредник на МРТ, Стојан Трпчевски. Наводно, неговите приватни врски и другарувањето со новинарите од бендот The Reporters влијаело на застапеноста на политичките партии во програмите. Притоа е потенцирано и дека „Борјан Јовановски (друг член на бендот – з.а.) добил грант од 90.000 евра од Агенцијата за филм“, што е надвор од контекстот на темата, а е направено со цел да се дискредитира уредникот.

Сите извори во написот се анонимни: како што дознаваме од вработени во телевизијата…“, „…неофицијално брифираат извори од дипломатскиот кор“ и слично, што отвора сомнеж во виситинитоста на оценката дека „расте притисокот кон сите вработени, особено кон тие од информативната програма, постојано се изрекуваат закани за некакви кривични пријави и истраги од ОЈО и СЈО“.

Исто така, твитот на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во кој тој изнесува само личен став (како што самиот објаснува) за професионалноста на МРТ, се третира како отворена закана, иако во него нема никаков заканувачки тон и тој твит нема произведено никакви последици ниту врз МРТ ниту врз кој било од вработените во јавниот сервис.

Особено е проблематично тврдењето дека наводниот „невиден притисок“ се вршел за „јавниот сервис да биде сервилен за промена на името“. За вакво нешто не се изнесени никакви аргументи. Кога се изрекув сериозно тврдење, какво што е ова – дека актуелната власт ја злоупотребува политичката моќ што ѝ е доверена за да го натера јавниот сервис да влијае врз резултатите на идниот референдум на кој граѓаните треба слободно и без притисоци да се изјаснат за многу важно прашање поврзано со иднината на државата, за таквото сериозно тврдење потребни се и сериозни аргументи. Инаку, сè останува на ниво на манипулации и спинови.