„Стан на користење“ и „стан во сопственост“ е различно

Кога ќе се каже: „Владата, во знак на благодарност, му додели стан на семејството на Верче Белчовска, тоа прозвучува како луѓето да го добиле станот трајно, односно да биде во нивна сопственост. Тоа не е баш така. Семејството на Верица Белчовска ќе добие стан на користење, што може да се види и од самата објава на министерот Благој Бочварски

 

 

Објава на социјалната мрежа „Фесјбук“ креира погрешна перцепција дека семејството на трагично загинатата Верица Белчовска од Струмица, чии органи беа дадени за трансплантација, добило на подарок стан од Владата. Во самиот пост е споделен текст со непрецизен наслов:

Владата, во знак на благодарност, му додели стан на семејството на Верче Белчовска

Од ваквата формулација на насловот се добива впечаток како на семејството да му е подарен стан поради искажаната хуманост.

Но, тоа не е баш така. Семејството на Верица Белчовска ќе добие стан на користење, што е различно.

Дополнителна забуна се прави и во првиот пасус од напсиот, којшто е на иста линија со насловот, а во кој се вели:

…власта одлучи на семејството Белчовски да му помогне да го реши станбеното прашање. Одлуката ја соопшти министерот за транспорт и врски – Благој Бочварски.

Всушност, се работи за слободна интерпретација на тоа што го напиша министерот Бочварски на својот профил на „Фејсбук“.

Имајќи ја во предвид бескрајната хуманост на семејството Белчовски чија ќерка Верица трагично загина во сообраќајна несреќа, а нејзините органи беа донирани, како скромно оддолжување кон ова семејство, денеска на седница на Комисијата за станбени прашања при Владата со која претседавам, едногласно одлучивме да им биде доделен на користење стан во општина Струмица.

Семејството Белчовски ги поместија вредностите во општеството, а граѓаните на Република Северна Македонија бескрајно им се благодарни за највисокиот чин на хуманост.

Како што може да се види и од самата објава на Бочварски, тој говори за доделување на стан на користење. Арно ама, кога ќе се каже: „Владата, во знак на благодарност, му додели стан на семејството на Верче Белчовска“, тоа прозвучува како луѓето да го добиле станот трајно, односно да биде во нивна сопственост.

Независно дали ова е направено од невнимание или од некоја друга причина, сепак, станува збор за пост и за наслов на кои им недостига контекст, односно дообјаснување за да можат да бидат сфатени на точен и правилен начин. Дури и во многубројните коментари под статусот се говори на истата тема, односно се дебатира и дополнително информира дека, сепак, станува збор за стан кој е даден на користење.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.