Струјата не е поскапена и не се знае дали ќе поскапи

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Објава на Фејсбук сензационалистички најавува дека струјата поскапела. Но, тоа не е точно. Досега не е донесена таква одлука и не се знае дали ќе биде донесена

Пост на Фејсбук ја манипулира јавноста дека цената на струјата повторно поскапува. Најавата на постот е сензационална и невистинита: „Удар за граѓаните – повторно поскапа струја!“. Ваквиот текст во постот нема како поинаку да се сфати освен како струјата веќе да поскапела или како небаре тоа да е завршена работа, што е едноставно невистинито. А, истиот пост пренесува текст со наслов: „Нов удар – за колку ќе се покачи цената на струјата?“. Ваквата најава и ваквиот наслов, предизвикаа огромно внимание кај граѓаните, кои под објавата оставале коментари, насочувајќи го бесот кон ЕВН и кон Владата. Постот во моментот на нашата рецензија има 218 реакции, 186 коментари и 34 споделувања.

 

Кога ќе го отворите написот што се пренесува во овој пост ќе видите дека тврдењето оти струјата ќе поскапи е манипулативно.

Откако Владата одлучи да ја стопира работата на хидроцентралите поради празните акумуации, недостатокот на електрична енергија се обезбедува од надвор.Од друга страна метеролозите не најавуваат некој промени  и најверојанто увозот на струја ќе продолжи и во следните месеци.Но дали тоа ќе повлече ново зголемување на цената, ќе се знае до средината на декември. До тогаш ќе важи шестмесечниот договор кој АД ЕСМ го има со Универзалниот снабдувач.

Написот прво објаснува која е причината поради која би дошло до евентуално зголемување на цената на струјата. Точно е дека хидроцентралите не работат поради празните акумулации и дека струјата периодов се увезува. Потоа истиот се прашува: „дали тоа ќе повлече ново зголемување на цената“, и потоа нагласува дека тоа ќе се знае до средината на декември. Значи одлука за покачување на цената нема, ниту, пак, има најaва од официјални и надлежни тела дека струјата ќе поскапи.

Дел од експертите, увозот на струјата и неповолната хирометеоролошка ситуација ја протолкуваа како можност да се покачи цената на струјата.

Дел од експертите сепак предупредуваат дека во актуелните услови прашање е дали цената на струјата би била поволна или поевтина од произведената во домашните капацитети. Критикуваат дека граѓаните ќе бидат приморани да го плаќаат цехот за несериозноста и непромислените потези и трошоци кои на крајот од денот, сепак се плаќаат со пари од државниот буџет, пишува Дојче Веле.

Но, не е точно дека струјата веќе поскапела, ниту, пак, е донесена некаква одлука за тоа. Одлуката ќе се носи на средината на декември. Дотогаш, како што јасно нагласува написот, ќе важи шестмесечниот договор кој АД ЕСМ го има со универзалниот снабдувач.

Манипулацијата во овој пост е во тоа што тој сензационално најавува дека за граѓаните следи нов удар, дека струјата поскапела, па за да биде манипулацијата уште повпечатлива, во насловот и се прашува „за колку би се покачила цената на струјата“.

Дека сè уште нема никакво покачување на струјата говори и фактот што Регулаторната комисија за енергетика не најавила такво нешто, ниту, пак, донела одлука за такво нешто. Доколку ја отворите официјалната веб-страница на РКЕ, ќе видите дека последната одлука во врска со цената на струјата е донесена на 31.07.2020 година, кога беше одлучено струјата да поскапи за 7,4 проценти.

Берзанските цени на струјата за првото тримесечје во 2021 година ќе бидат познати на 15 декември, а потоа и за вториот квартал. Тогаш ќе се прават и пресметките за цената која ЕСМ ќе ја даде на тендерот на Универзалниот снабдувач за испорака на струја за периодот од јануари до јуни идната година.

Од Регулаторната комисија за енергетика се децидни дека нови поскапувања на струјата не се планирани за оваа година, пренесува Слободен печат.

Никакво оправдување не е и не може да биде за содржината од најавата во постот и за насловот на текстот ако евентуално на 15 декември РКЕ навистина реши да ја зголеми цената на струјата. Во моментот на нивното објавување тие се манипулативни. Новинарите не се јасновидци и не е нивна работа да се бават со претскажувања, дури и ако на крај излезе дека биле во право. Конечно, тоа не е ни тешко зашто шансите да се биде во право во ваква ситуација се прилично високи, односно 50 отсто зашто струјата може или да поскапи или да не поскапи. Но, дури и да се случи евентуално поскапување, тогаш РКЕ ќе излезе со соодветно објаснување и јавноста ќе има можност да оцени дали на таквото објаснување да му верува или не. Но, при ваква манипулација тоа не е можно.

Од сето ова може да се заклучи дека постот што го рецензираме е делумно невистинит, а во делот на насловот е манипулативен и има за цел да крене паника во јавноста која, како што е видливо во коментарите, својот бес го насочува веднаш кон Владата. Содржинскиот дел на написот е коректен, а манипулацијата е направена со изборот на насловот и најавата на постот. Но, со оглед на тоа што насловот е далеку најчитан дел од секој напис, за што недвосмислено јасно говорат коментарите под Фејсбук постот на овој напис, голем број од читателите и корисниците на социјалните мрежи се изманипулирани.

Голем дел од граѓаните имаат обичај да ги читаат само насловите, а не и текстовите и своите заклучоци да ги извлекуваат само од она што ќе го видат на прв поглед. Затоа е важно сите наслови да не се земаат здраво за готово, туку да се отвори текстот и да се види дали насловот е поткрепен со некакви факти, па потоа да се гради мислење.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.