Суфицит аналитичари – дефицит политички анализи!

Политички аналитичар денес се нарекува секој што излегува на телевизија, на информативни изданија или политичкити дебати. Но, јавноста треба да разликува што и кој може да се нарече политички аналитичар, колумнист, експерт, универзитетски професор, итн.

 

Пишува: Сефер ТАХИРИ

 

„По завршување на мандатот како заменик-министер за внатрешни работи, ќе можеме да ве користиме како политички аналитичар“. Со овие зборови еден новинар од провладината ТВ „Нова“, му се обрати на поранешниот заменик-министер во МВР од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Андонов. Но, дали Андонов е  политички аналитичар? Секако дека не, и поради неговата партиска припадност и поради тоа што не е политички аналитичар што објавува објективни политички анализи!

Деновиве напишав дека политички аналитичар не може да биде некој што не пишува политички анализи, како што не може да биде рудар некој што не работи во рудник. Но, и покрај фактот што во медиумските содржини можеме да прочитаме многу малку политички анализи, медиумскиот простор е преплавен со поединци кои се самопрогласуваат или се претставени од медиумите како политички аналитичари!?

 

УЗУРПАЦИЈА НА МЕДИУМСКИОТ ПРОСТОР

Политичките дебати се узурпирани од овие личности што се нарекуваат аналитичари. Често се случува истите, во иста вечер да ги видиме во две различни студија. Во текот на неделата тие „шетаат“ од едно студио во друго, изразувајќи ги повеќе  нивните ставови, често изразени и со партиско-политичко навивање, отколку што прават вистинска анализа. Имаме вишок на аналитичари и дефицит на политички анализи.

Дебатите вријат од „аналитичари“, а политичарите во повеќето случаи молчат. Партиите на власт, пак, особено ВМРО-ДПМНЕ, ги селектираат студијата каде што ќе учествуваат нивните претставници. Иако логиката на „четвртата власт“, како коректор на трите други власти, вели дека во медиумите повеќе одговори (и отчет), треба да даваат политичарите, отколку аналитичарите! Ова го подразбира и тоа што медиумскиот простор не смеат да го доминираат аналитичарите, туку треба да има балансиран однос на просторот и на вниманието што го добиваат политичарите!

Сепак, не треба да се заборави дека аналитичарите и колумнистите, исто како и политичарите, имаат јавна одговорност за кажаниот и за дадениот збор.

Разликата е во тоа што политичарите оваа одговорност ја земаат од граѓаните и потоа за тоа земаат плата и имаат големи привилегии, додека колумнистите и аналитичарите не се платени од јавни пари за нивните анализи и колумни (со исклучок на прорежимските медиумски „платеници“, ако постојат такви).

Затоа, сосема е бесмислено и нерационално да се осудуваат или да се предрасудуваат ставовите на аналитичарите, затоа што често слушаме такви анахронизми. За крај, како што би рекол аналитичарот Џелал Незири, „виновни за состојбата ќе бидат прогласени аналитичарите“. Нешто што нема смисла! Значи, аналитичарите имаат одговорност, но не може од нив да се бара отчет за анализите или колумните што ги објавуваат.

Политички аналитичар денес се нарекува секој што излегува на телевизија, на информативни изданија или политичкити дебати. Како што би се изјаснил професорот по социологија во ЈИЕУ, Али Пајазити, „веќе некое време една фреквентна социјална категорија во медиумите нè соочува со една многу актуелна синтагма, ‘политички аналитичар’, што во суштина е глобално институционализиран израз, но во нашите услови многумина ги иритира, што понекогаш те остава без зборови, а понекогаш те тера да ги отвориш очите, да ги триеш и да речеш: Ауу, од каде излезе овој сега, од кога стана аналитичар и кои анализи ги направи, колку текстови, книги, или барем колку колумни има во оваа област?“.

Медиумите, честопати, обидувајќи се да прават политички баланс, влегуваат во друга стапица, која е камуфлирање на некои познати поединци од јавната сцена зад терминот „политички аналитичар“, кога всушност станува збор за искусни пропагандисти за партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ или ДУИ. Честопати, медиумите, особено тие визуелните, стануваат заложници на лажните научни власти, бидејќи истите имиња ги употребуваат за повеќе теми, прашања или разни феномени.

 

„СЀОЛОГ“

Често во јавниот дискурс можеме да го слушнеме и терминот „сèолози“, модерна верзија на терминот „сезнајко“. Затоа, медиумите и новинарите треба да внимаваат кого канат на политичките дебати, бидејќи само името и презимето на еден поединец не треба да бидат доволни за да се одреди релевантноста на изворот, туку ова треба да се прави проценувајќи ја тежината и основајќи се на точноста на информациите, со кои оперираат, аргументите што тие ги откриваат на дебати, објективноста на политичката анализа, колку оваа нивна анализа кореспондира со јавниот интерес или колку е во функција на јавната агенда и така натаму.

Треба да се избегнуваат дебатите подготвени со инерција, на бурен начин, користејќи ги изворите со кои новинарите имаат пријателски односи, бидејќи медиумите имаат цел да постават пред јавноста плурализам на аналитичари и на колумнисти, но и разновидност на ставови или аналитички ставови што тие ги покажуваат. Само на овој начин, аналитичарите и колумнистите нема да станат здодевни за јавноста, бидејќи често може да се слушнат граѓани кои велат дека „во медиумите се вртат 10 до 15 лица и сега веќе знаеме однапред што ќе кажат“.

Освен изнесување на ваквите отворени критики на социјалните мрежи, вистината е дека во јавната комуникација има еден вид иронија кога станува збор за оваа категорија професионалци. Во последно време, таа намерно се иронизира од политиката (најмногу од неуспешни политичари, кои својот неуспех на изборите сакаат да им го припишат на медиумските луѓе). Се разбира, бесправно!

Недоразбирања во врска со функцијата на аналитичарот има и од медиумите, но и од јавноста! За жал, наместо да се охрабруваат, отворено се артикулира оваа реторичка тенденција, која освен што има ноти на иронија, има дури и понижувања!

 

ШТО СЕ ОПФАЌА ТЕРМИНОТ „ПОЛИТИЧКИ АНАЛИТИЧАР“

За да се избегнуваат недоразбирањата од употребата на синтагмата политички аналитичар, направивме некои сугестии кон медиумите и новинарите, во врска со именување на изворите.

Политички аналитичар е лице кое се занимава со анализрање на политичките појави, со испитување и со разгледување на настаните, проблемите или политичките идеи до детали или од сите страни. Така може да се нарекуваат лица кои завршиле политички науки или општествени науки и што работат во истражувачки институти и подготвуваат политички анализи, но и лица со долго искуство во медиумите и што пишуваат политички анализи кои се објавуваат во медиумите, меѓународните новинарски мрежи или други изданија.

Тие што работаат во државни институции на директорска позиција или имаат некоја друга раководна позиција, не може да се претстават во медиумите како аналитичари, бидејќи, во најмала рака, станува збор за тенденција за манипулација со јавноста, зашто може да се случи и се случува еднострано политичко мислење да се спакува како аналитичко мислење.

Политички аналитичари не може да се наречат млади лица, „деца“, сосема анонимни, без некоја биографија или апликативен професионален или научно-истражувачки багаж, кои одеднаш излегуваат на медиумскиот простор како политички аналитичари, и тоа како печурки по дожд.

Има многу дилеми и критики за тоа дали може еден поранешен политичар да биде политички аналитичар? Може, само ако има факултетско или постдипломско образование од областа на политичките или општествените науки или е ангажиран на факултети, институти или истражувачки центри, и(ли) што се докажал со објавување на аналитичките написи. Овој епитет не го заслужува некој што е пасивен во подготовка на пишаните анализи и што се активира само на телевизиските студија. Затоа треба да се имаат предвид и следните термини:

Колумнист е лице кое едноставно има мислење, став, гледна точка или перспектива за настаните, идеите, проектите, проблемите или политичките појави. Овде обично припаѓаат поранешните политичари или амбасадори, кон кои има еден вид одбивање од јавноста.

Експерт  е лице кое специјализирано во една одредена тесна област и за која е поканет да коментира, да анализира или да дебатира со надлежност и со професионализам. Значи, експерт е лице што има експертиза во една студиска област, секако дека треба да има објавено и научни трудови по списанија од оваа област, но и да учествува на конференции, на трибини, на семинари и на научни симпозиуми.

Пример: експерт по кривично, граѓанско право, експерт за медиуми, експерт за политички партии, за демократија, за демографија, за микроекономија итн! Истото важи и за употребата на терминот научен истражувач. Како такви се нарекуваат луѓето што работаат по научно-истражувачките институти, било тоа да се невладини институти или, пак, со јавно финансирање.

Новинари се нарекуваат колегите што работаат по медиуми и што учествуваат на дебати, даваат политички изјави во медиуми или зборуваат за медиумските и за новинарските прашања, како слободата на говорот или разните проблеми во медиумите, како заканите, платите, условите за работа и така натаму! Ова е атрибут што му прави чест на секој што работи во медиумите!

Нормално дека конкретниот новинар се атрибуира и врз основа на одредената позиција што ја има во медиумот од имотна димензија (издавач или сопственик), од менаџерска димензија (директор или генерален менаџер) и  од уредничка димензија (главен уредник или уредник). Брајан Мекнер, во неговата книга „Вовед во политичката комуникација“, истакнува: „.. Новинарите се тие што ни го пренесуваат значењето на политиката. Тие ги поставуваат настаните од политичкиот живот во наративни структури“.

Како такви, тие имаат право да бидат коментатори на политичките настани по разни медиуми.

Универзитетски професор е лице што работи како наставник во универзитет и изразува мислења или учествува на дебати по медиуми и зборува за областа за која предава или зборува за проблемите со образованието и во општеството. Во овој контекст може да се атрибуираат со терминот академик членовите на Македонската академија на науките и уметностите. Се разбира, само кога зборуваат за нивната специфична област или за општествени прашања. Кога молчат, треба да им се напомене дека универзитетската и академската елита не молчи. Нивното молчење не е злато!

За крај, медиумот не треба да ја релативизира одговорноста на политичарите што го избегнуваат соочувањето, кои често ја претпочитаат дебатната униформност, релативизација што се прави зафаќајќи ги столовите на политичарите по медиумите од аналитичарите и од колумнистите. Затоа, медиумите треба да бидат поупорни, за политичарите да одговараат кога имаат медиумите интерес, а не кога им е во прилог на политичките партии. Бидејќи тогаш немаме работа со новинарство, туку со односи со јавноста. Јавноста треба да се убеди, а не да се манипулира!

 

(Авторот е универзитетски професор и истражувач на медиумските прашања) 

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).