Суптилна дискриминација, редица неточности и коментари како рецепт за неодржлива критика

 

[Рецензија: Бизарно: Владата финансира набавка на лубриканти – распишан тендер!]

 

Текстот, коментаторски нарекувајќи ја набавката на лубриканти „бизарна“, уште од самиот наслов прави суптилна дискриминација на одредена ранлива група врз основа на сексуалната ориентација.

Линк до текстот: Бизарно: Владата финансира набавка на лубриканти – распишан тендер!

Датум на објавување: 9.10.2018

Датум на рецензирање: 15.10.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Написот на вулгарен и безобразен начин употребува преносно значење, велејќи дека „Владата ќе ги ‘подмачкува’ хомосексуалците и лезбијките од Скопје (…)“. Оваа реченица, освен што е коментаторска е местото не ѝ е во информативен жанр, е дискриминирачка, навредлива и омаловажувачка за одредена група луѓе.

Член 10 од Кодексот на новинарите на Македонија вели:

Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

Написот тврди дека лубрикантите немаат никаква врска со заштитата од ХИВ и оти затоа набавката од Владата била непотребна. Ова е неточна информација, а демант за тоа пристигна од невладината организација ХЕРА, која е членка на Платформата за одржливост на сервисите за спречување ХИВ и СИДА во која членуваат 15 организации.

Лубрикантите претставуваат основно средство за превенција и од нив зависи ефективноста на кондомите, бидејќи тие ја намалуваат можноста кондомот да се скине. Светската здравствена организација препорачува  кондомите како средство за превенција ЗАДОЛЖИТЕЛНО да се промовираат и да се направат достапни заедно со лубрикантите, со цел успешна превенција од ХИВ за клучните популации засегнати од овој вирус.

Во низата неточности објавени во текстот, медиумот тенденциозно ја дезинформира јавноста преку бомбастично објавување на овој напис, претставувајќи го како нешто ново и неочекувано, кога, всушност, набавката на лубриканти не е ништо ново, туку Министерството за здравство во континуитет ги набавува веќе 12 години. Освен тоа, неточна, односно измислена е информацијата дека оваа година енормно е зголемувањето на трошењето за оваа програма, односно неточен е податокот дека програмата лани беше финансирана со 11 милиони денари. Точната информација е дека лани средствата за оваа намена изнесуваа 65,2 милиони денари.

На крајот во написот тенденциозно и, навидум, попатно се спомнува и пратеникот од владејачката коалиција, Павле Богоевски, во информација што нема никаква врска со оваа јавна набавка, со што пред јавноста по асоцијативен пат се инсинуира дека можеби тој имал некаква врска со неа.

Медиумот го објави спомнатиот демант од невладината организација ХЕРА, но и тоа е сторено на неетички начин. Имено, демантот е дел од друг напис, во кој повторно се изнесуваат истите тези и содржини од основниот напис, дополнети и со други елементи. Демант вака не се објавува. Тој треба да биде поставен во посебен напис без никакви редакциски интервенции, а особено не со дополнителни коментари за да го добие истиот третман каков што го имал и текстот што се демантира. Ако, пак, редакцијата сметала дека епотребно да ја продолжи полемиката, тоа требало да го направи преку нов текст, во кој би се изнеле нови аргументи. Вака, кога демантот е само помал дел од друг текст, а самиот демант се критикува и напаѓа и на почетокот и на крајот од истиот текст, неговата видливост намерно се намалува и му се оневозможува да го има ефектот што би го имал како самостоен текст.