Не е вистина дека таблите со новото име се воопшто демолирани, а камоли од револт

 

[Рецензија: (ФОТО) Револтот расте кај граѓаните, исчкртана првата табла со Република Северна Македонија, (ФОТО) Таблите со Северна Македонија вандализирани]

 

Пред официјално да биде објавено дека се поставуваат табли со написи со новото име на државата – Република Северна Македонија, некои медиуми најпрвин објавија фотографии и куси вести дека една таква табла е поставена на граничниот премин со Република Грција, повикуваќи се на неофицијални извори, а потоа и дека – на таблата бил пречкртан зборот „Северна“. Дури и пред да пристигне официјален демант од Владата, аматерски сработените „вести во низа“ за новата табла и за чкртање на префиксот „Северна“ речито кажуваа дека се работи за лажна информација и обид за манипулација на јавноста.

Линк до оригиналниот напис: (ФОТО) Револтот расте кај граѓаните, исчкртана првата табла со Република Северна Македонија, (ФОТО) Таблите со Северна Македонија вандализирани

Датум и време на објавување: 11.2.2019

Датум на рецензирање: 11.2.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

Лажната вест е дека на 11 февруари ќе почне поставувањето на таблите со името Република Северна Македонија на сите гранични премини и оти е веќе подготвена таа што треба да биде поставена на преминот со Грција, Богородица-Евзони. Невистинитите вести од овој вид ги пренесоа неколку медиуми од слична политичка провениенција, од кои дел како извор наведуваат некаков грчки твитерџија по име Панос, без презиме. Кај некои портали веста е проследена со божемна неофицијална информација од владин извор дека:

Таблата ќе биде поставена во текот на денешниот ден, нема прецизно време велат владини извори, но тоа ќе се случува една по една на сите гранични премини во овие неколку денови,

како и дека

Овие табли ќе бидат времени, колку за исполнување и показ за добра волја веднаш по ратификацијата од  Грција, иако процесот ќе биде заокружен и кога ќе се известат ООН дека спорот е решен и затворен од двете страни, Грција и Македонија.

Само неколку часа по објавувањето на оваа, следува „апдејт“ на веста, објавена, исто така, од неколку портали – дека таблата, која наводно била поставена, но не се наведува каде, веќе е „демолирана“:

Само што започна поставувањето на новите табли со новиот назив на нашата држава, револтот кај граѓаните излезе на виделина, па поставените табли каде што пишуваше Република Северна Македонија беа демолирани. Со црн спреј е исчкртано „Северна“ и напишано „Никогаш Северна!“

со напомена дека

граѓаните коментираат дека не ја одобруваат промената на името, и револтот сѐ повеќе ќе расте по секоја поставена табла каде што пишува Република Северна Македонија.

Она што е симптоматично и што укажува на манипулација се фотографиите на таблата. И веста за поставувањето на таблата и веста за чкртањето, односно „демолирањето“ на „веќе поставените табли“ е илустрирана со фотографија на (барем навидум) една иста табла со новото име на државата, сликана одблизу, без да биде прикажана локација на која е поставена, без што не е можно да биде утврдена нејзината автентичност. На фотографиите на кои таблата е неоштетена, таа е, најверојатно, сликана во некој магацин, во гро-план, а до неа на подот има фрлени употребени марамчиња. Истиот под и истите марамчиња се и на сликата на која на таблата со црн маркер е пречкртан зборот „Северна“ и допишано „Никогаш Северна“. Да биде манипулацијата уште попроѕирна, друг портал, кој, исто така ја објавува „веста“ за исчкртаната табла, ја објавува фотографијата на истата табла, со истите марамчиња на подот, но овој пат исчкртана со дреч-црвен маркер!

Фотографијата лево послужи за илустрација на веста дека таблите се пристигнати. Фотографијата десно покажува дека таблите се бајаги вандализирани. Искористеното и на под фрлено марамче на двете фотографии покажува дека, всушност, станува збор за иста фотографија.

 

Неколку часа откако се објавени, овие лажни вести се деманитрани од портпарлот на Владата, Миле Бошњаковски:

Лажна е веста дека има исчкртани табли, новите табли сѐ уште не се поставени, напиша Бошњаковски на Твитер.

Од утврдените факти може да се заклучи дека овие поврзани вести, кои беа објавени едноподруго на портали со слична политичка ориентација, се лажни и се намерно осмислени за да ја манипулираат јавноста дека Владата се однесува сервилно кон Грција и оти поставува табли со новото име на државата „како израз на добра волја“, а дека граѓаните се револтирани од таблите со името Република Северна Македонија.

.