Текст што „плаче“ за тужба

[Рецензија: ШИЛЕГОВ ПРИЧИНА ЗА ЗАТВОРАЊЕТО НА „МАКЕДОНСКО СЕЛО“? Барал ли Шилегов „фифти-фифти“ од прометот на комплексот?]

 

Текстот што го рецензираме, „плаче“ за тужба поради клевета. Се изнесуваат тешки обвинувања за градоначалникот Петре Шилегов, а информациите не се ниту проверени ниту потврдени. Во написот не се наведени извори, туку сè се сведува на шпекулации.

Линк до оригиналниот напис: ШИЛЕГОВ ПРИЧИНА ЗА ЗАТВАРАЊЕТО НА „МАКЕДОНСКО СЕЛО“? Барал ли Шилегов „фифти-фифти“ од прометот на комплексот?

Датум и време на објавување: 17.10.2018

Датум на рецензирање: 24.10.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Текстот на почетокот информира за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“  да го затвор комплексот. Одлуката беше објавена на официјалната фејсбук-страница на „Македонско село“.

Затварањето на комплексот „Македонско село“ за многумина беше изненадување, особено поради големината на инвестицијата и нејзиното значење во однос на туристичко-културната понуда на главниот град. Утринава менаџментот на комплексот, со кој стопанисува компанијата „Тинекс“, на социјалните мрежи ги информира граѓаните дека од 18 октомври комплексот нема да работи.

Пренесен е ставот на Владата, која е издавач на концесијата за „Македонско село“.

Од СОЗР на Влада, која е издавач на концесијата за „Македонско село“, информираа дека тие немаат информација за ваквата одлука на менаџментот и најавија дека ќе остварат состанок со претпоставените.

И дотука сè е во ред. Нагласено е дека „она што останува неразјаснето се причините зошто менаџментот се одлучил на ваков потег“.

И токму поради нејасните причини за потегот на менаџментот, во текстот почнуваат да се плетат шпекулации и рекла-кажала информации, што за еден професионален новинарски напис е недозволиво.

Во јавноста веќе кружат информации дека сопствениците на концесијата се соочувале со уцени од првиот човек на градот Скопје, кој, наводно, барал дел од прометот на комплексот ресторани и хотел. Според некои информации, сумата се движела и до 50% од дневниот промет на комплексот.

Како закана, пак, сопствениците биле предупредени дека ако не ја прифатат понудата од првиот човек на Скопје, ќе се соочат со инспекции, затворање, а како прва мерка за намалување на посетеноста на комплексот била воведувањето висока цена за паркинг, односно 100 денари за час.

Во јавноста ако кружат информации, треба да се проверат пред да се објават. Во спротивно, без наведен извор на информациите и без нивна проверка, текстот „плаче“ за тужба.

Во случајов не е побаран став од концесионерот на комплексот, а тоа е поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ. Не е побаран став ниту од градоначалникот Шилегов, иако тој директно се обвинува за рекетарство.

Она што е наведено во текстот е дека „за овие информации нема потврда ниту од менаџментот, ниту од градските власти“. Тоа не е доволно. За јавноста да ја има сликата во целина, мора да бидат претставени и двете страни од приказната. Вака текстот е едностран и е политички мотивиран, односно има цел атак врз градскиот татко, Шилегов.