Трамп лани во февруари тврдеше дека ковид-19 ќе го снема во април тековната 2020 година, не годинава

Имаме објава на „Фејсбук“ која претставува комбинација од „кликбејт“ (clickbait) и недостаток на контекст (missing context) со цел да привлече внимание и кликови. Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, уште на почетокот на минатата година, во февруари, рече дека вирусот ќе исчезне во април, со затоплување на времето, но тоа се однесуваше на април минатата, 2020 година, не на април годинава

 

Пишува: Стојан Синадинов

 

Пост на социјалната мрежа „Фејсбук“, кој содржи видео и многу кратка најава, манипулира со датумот на изјавите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Текстот во постот на агилниот објавувач на слични статуси под прекарот „Мајк Тајсон“, објавен на 24.2.2021 година, станува вирален со бројни интеракции на корисниците преку тврдењето дека Трамп изјавил оти вирусот ќе исчезне најверојатно во април:

Трамп
Вирусот ке исчезне, најверојатно Април
Поранешниот американски претседател Трамп уште на почетокот на минатата година, во февруари, рече дека вирусот ќе исчезне во април, со затоплување на времето, но тоа се однесуваше на април минатата, 2020 година. Бесмислено е ваквата изјава да се однесувала на годинава зашто и лани, како и годинава, како и впрочем секоја година, времето се затоплува во април со календарското завршување на зимата на 22 март. И ако некој во февруари каже дека времето ќе затопли во април, тој бездруго мисли на тековната година, сигурно не ја прескокнува годината што е во тек.
А, како што знаеме, вирусот не само што не исчезна во април 2020 година, туку состојбата во САД до април, и месеците потоа, драматично се влоши.
Згора на тоа, изминатата 2020 година Трамп десетици пати изјави дека вирусот ќе исчезне, но реалната ситуација постојано го демантираше.
Иако вирусот не исчезна во април 2020 година, поранешниот американски претседател Трамп продолжуваше да тврди дека ковид-19 само што го снемало.
Американскиот дневен весник „Вашингтон пост“ наброја најмалку 40 изјави на Трамп до ноември 2020 година дека вирусот ќе исчезне. И други американски и светски медиуми одамна, во континуитет, ги дебанкираа изјавите на Трамп.
Овој пост на „Фејсбук“ е комбинација од „кликбејт“ (clickbait) и недостаток на контекст (missing context) со цел да привлече внимание и кликови.