Твит што поттикнува шовинизам и омраза

[Рецензија: Reservoir Dogs, статус на „Твитер“]

Статусите на твитер-налозите можеби не се дел од новинарството, но кога ги објавуваат новинари и телевизиски и радиоводители стануваат дел од корпусот на етичкото однесување во јавноста, особено кога станува збор за ширење национална нетрпеливост, омраза кон одредени етнички групи, расистичко однесување…

Линк до оригиналниот напис: Статус на Јанко Илковски on Twitter

Датум и време на објавување: 24.2.2020, 22:30

Датум на рецензија: 26.2.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

Социјалните мрежи како ултрапопуларни „резервни“ медиуми сигурно дека се дел од јавното мислење. Во тој кибер-простор се присутни и бивши и сегашни новинари, телевизиски и радиоводители, кои на овие мрежи често ги постираат и своите приватни ставови.

Дали таквите лични ставови треба да бидат изземени од вообичаениот третман на вести и статии? Сигурно дека не, бидејќи нивниот статус на личности што низ медиумите го креираат јавното мислење треба да генерира и далеку поголема одговорност од статусите на лажните профили на социјалните мрежи, а за ботовите и да не говориме.

Новинарот (или водител) е препознаван како новинар и на социјалните мрежи.

Авторот на овој статус на „Твитер“ е добро позната медиумска личност, присутен речиси 3 децении во етерот, и препознатлив, главно, преку контактните емисии што ги води во доцните вечерни термини. Неговиот статус реферира на култниот филм на Квентин Тарантино, Reservoir Dogs. Преводот од англиски кај нас е одомаќинет како Касапски кучиња, германскиот превод е Wilde Hunde („Диви кучиња“), а српскиот, на пример, е „Улични пси“ („Улични кучиња“, или „Кучиња скитници“).

Статусот шири омраза и нетрпеливост кон ромската етничка група, но не се наивни ниту коментарите под тој статус на социјалната мрежа. Напротив!

Експертите за социјални мрежи посочуваат дека авторот не може да го избрише првобитниот твит ако „случајно“ згрешил и бил погрешно разбран, но може вербално да интервенира и да укаже на следбениците дека не треба да шират говор на омраза.

Во тие насоки се и примерите како случајот „Делфи против Естонија“, воден пред Европскиот суд за човекови права. Според пресудата на Европскиот суд за човекови права „Делфи против Естонија“ (CASE OF DELFI AS V. ESTONIA [Macedonian Translation] Summary By IRZ Stiftung), коментарите се исто толку важни колку и самата објава на авторот.

Од друга страна, пак, луѓето што долго помнат кога станува збор за медиумите, се сеќаваат дека истиот автор на твитот пред дваесетина години стана популарен медиумски лик коментирајќи ги натпреварите од Светските и европските фудбалски првенства на радио. Неговите коментари колку што беа несекојдневни и за некои забавни, речиси секогаш беа расистички настроени кон фудбалерите со африканско потекло, кои редовно ги именуваше како „ќумбиња“, додавајќи им го бројот што го носеа на дресовите.

Да споменеме и дека споменатиот статус на Твитер (Reservoir Dogs) е во спротивност со членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија, каде што е прецизирано дека „новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)“.