„Твитер“ воведува нова функционалност: „Проверете пред да твитнете“

„Твитер“ деновиве воведува нова функционалност преку која ги поттикнува своите корисници да ги читаат написите чии линкови ги споделуваат. Целта е да се намали количеството содржини што се споделуваат непромислено, без да се знае што точно содржат, посочува ресурсниот центар за критичко мислење и медиумска писменост „Криинк“, кој го води Фондацијата „Метаморфозис“.

Според искуства на твитерџии од Северна Македонија, оваа функционалност е изгледа во фаза на тестирање, бидејќи се појавува повремено во разни верзии на платформата. Се состои од предупредување за корисниците што кликнуваат на „твит“ кој содржи линк што не го прочитале.

Доколку кликнат на линкот „Дознај повеќе“ (Learn more) корисниците се пренасочуваат кон упатството за употреба на Т„витер“ каде што им се презентира следното објаснение:

Проверете пред да твитнете

Сметаме дека е важно да Ви помогнеме да имате подобри и побезбедни разговори преку Твитер – а тоа почнува со тоа да бидете поинформирани за тоа што го споделувате со своите следбеници.

Ако решите да ретвитнете или твитнете како цитат (Retweet or Quote Tweet) некој напис што не сте го отвориле претходно на Твитер, може да добиете порака која од Вас бара да го прочитате написот пред да го ретвитнете или цитирате. Веруваме дека ова помага подобро да го сознаете контекстот и да се намали неинформираното споделување преку „Твитер“. Кога ќе ја видите ваквата порака ќе добиете опција да го отворите и разгледате написот. При тоа Вие бездруго имате можност да го ретвитнете или твитнете како цитат дадениот напис без да го отворите.

Досега е забележана примена на оваа функција во веб-верзијата на „Твитер“ за мобилни телефони, но не и во веб-верзијата за компјутери. Со оглед на тоа дека кај различни корисници се јавува повремено, се претпоставува дека е во фаза на т.н. А/Б тестирање.

Низа промотори на медиумската писменост укажуваат дека важен фактор при ширење дезинформации е тоа што луѓето преку социјалните мрежи донесуваат одлуки за споделување содржини само врз основа на читање наслов или гледање сликичка, без да се потрудат да прочитаат повеќе на темата. Таквите навики ги злоупотребуваат разни манипулатори, од сензационалистички медиуми до армии на тролови, за да ги зголемат видливоста и ширењето дезинформации и кликбејт.

Во април 2020 година, како реакција на ширењето на дезинформации за ковид-19, Европската Унија, УНЕСКО и „Твитер“ почнаа кампања насловена „Размисли пред да споделиш“ (#ThinkBeforeSharing).

Различни институции во Северна Македонија имаат повторувано слични пораки, меѓу кои и Советот за етика во медумите со „Провери ги изворите пред да споделиш“ и Министерството за здравство со „Провери, па сподели!“.