УНИЦЕФ ја предупреди јавноста дека во нивно име по социјалните мрежи се шират дезинформации за корона-вирусот. Тимот на КриТинк ги собра информациите за овој случај и обезбеди проверка на факти на наведените лажни тврдења
Пишува: Тимот на КриТинк
Канцеларијата на УНИЦЕФ за Северна Македонија на 15 март 2020 г. го објави следното соопштение на нивната официјална страница на Фејсбук:
⚠️ Ве известувамe дека УНИЦЕФ нема споделено НИКАКВА ИНФОРМАЦИЈА која масовно се споделува на Viber и WhatsApp во врска со заштита од КОВИД-19.
Сите информации што ги споделуваме ќе ги најдете тука https://uni.cf/38R3Z9t.
Пазете на дезинформации на социјалните медиуми во врска со Корона вирусот и КОВИД19. Пред да споделите секогаш прво проверувајте ги информациите на некоја од овие доверливи веб страници:
Mинистерство за здравство: https://uni.cf/39Rz8v1
Институт за јавно здравје: https://uni.cf/38UzQGi
Светска здравствена организација: https://uni.cf/33dnOqz
УНИЦЕФ: https://uni.cf/2WldpYtШирењето дезинформации во време на здравствена криза прави луѓето да бидат незаштитени и поподложни на болеста, а дополнително шири параноја, страв и стигматизација.
Тимот на КриТинк го истражи овој случај и најде еден од Фејсбук-постовите со кој се шират овие информации лажно припишани на УНИЦЕФ.
Се работи за текст кој луѓе го препишуваат и го објавуваат како сопствени постови на Фејсбук, така што е тешко да се одреди од каде потекнува првобитниот. Самиот изгледа како нестручен превод на македонски од некој друг јазик. Во продолжение на текстов презентираме кратка проверка на факти на наводите.
Текстот почнува со следниот восклик:
ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ!!!
Неточно. Скоро секоја реченица од текстот е дезинформација. Лага или полувистина.
1. Короната е голем вирус. Дијаметарот на вирусот е 400-500 микро, така што секој вид маска може да спречи влез во нашите тела и не треба да користите скапи маски.
Маските се важни, иако не може целосно да заштитат од допир со вирусот, особено не врз основа на напишаното. Вирусот патува низ воздухот низ капки вода кои луѓето ги испуштаат при кивање, кашлање и зборување, а маските придонесуваат да има помал допир со ваквите капки.
Податокот за големината на вирусот со единица мерка „микро“ е очигледно без врска. Во ваква форма, невозможно е да се одреди „на што се мислел авторот“. Ако се мисли на микрометри (μm = 10−6 m), тогаш наводот е апсурден: суштество големо 400-500 микрометри е пет пати поголемо од просечна клетка човечка клетка, која има дијаметар од околу 100 μm.
Вирусите се многу помали од живите клетки, со големи од 20 to 400 нанометри (nm = 10−9 m).
Ова тврдење очигледно е напишано со цел да им се допадне на луѓето кои сакаат да заштедат или се лутат на профитерите кои продаваат скапа опрема, за да ги придобие како преносители на дезинформацијата.
2. Корона вирусот не лебди во воздухот, туку се држи до предметите, така да не се пренесува низ воздухот.
Како и кај други респираторни заболувања, корона-вирусот се движи низ воздухот и тоа преку ситни капки вода испуштени од луѓето. Начинот на пренесување е објаснет во видео-клипот од Светската здравствена организација кој Министерството за здравство на Република Северна Македонија го има објавено на македонски и албански јазик.
Како се пренесува КОВИД-19 и како да се заштитите? Споделете го видеото од Светската здравствена организација. pic.twitter.com/JduoaovquS
— Министерство за здравство (@ZdravstvoMK) March 11, 2020
3. Кога е закачен на металната површина, вирусот може да живее 12 часа. Доволно е миење на рацете со сапун и вода.
Научниците немаат прецизни податоци како број на часови на животот на вирусот на различни површини. Да се тврди дека постои таква бројка е само по себе дезинформација. Проценки од една прелиминарна студија укажуваат дека вирусот може да преживее до 24 часа на пластични или метални површини, додека според СЗО задржувањето може да биде и подолго, до неколку дена. Ова тврдење ги става во опасност луѓето кои ќе помислат дека по 12 часа се безбедни.
4. Поврзан со капка, вирусот Корона може да живее 9 часа, така што перењето облека или сушење на сонце е доволно 2 часа за да го убие.
Перењето алишта не гарантира уништување на вирусот, особено ако се врши на пониски температури. Повторно, нема прецизни научни податоци за тоа колку долго новиот корона-вирус може да преживее на места изложени на сончева светлина.
5. Кога е закачен за рака, вирусот Корона може да живее 10 минути, така што стеризатор врз основа на алкохол може да е доволен за заштита.
Ова е навистина опасно тврдење! Ако вирусот умира по 10 минути откако ќе дојде на човечка рака тогаш испаѓа дека нема потреба да се мијат рацете. Вистината е дека ако вирусот се закачи за рака, тогаш таа рака кога ќе допре дел од телото како уста, нос или око го внесува вирусот внатре во телото.
6. Кога е во воздухот на температури 26-27° C, вирусот ќе умре, затоа не живее во жешките области. Покрај тоа, пиењето топла вода и топлото сонце е доволно како мерка за претпазливост.
Избегнувајте ладна храна и пијалоци, вклучувајќи го и сладоледот, ова е многу важно.
Температура на воздухот поголема од 27°C не го убива вирусот и затоа болеста Ковид-19 веќе се има проширено и во тропски земји како Индија, Тајланд и Индонезија, како и во земји со жешка клима како Египет и др.
Вирусот преживува во човечкото тело, на температура од 36°C.
7. Правете гаргара длабоко во грлото со топла вода и сол. Тоа ќе го убие вирусот во грлото и ќе го спречи да влезе во белите дробови.
Правењето гаргара со топла вода и сол не го убива вирусот и не спречува од грлото да помине во белите дробови.
Светската здравствена организација (СЗО) експлицитно укажува дека ова е штетна лага, односно тврдењата дека вирусот може да се елиминира со гаргара се дел од митовите што се шират низ светот и заради кои уште повеќе луѓе би можеле да се заразат.
Текстот завршува со следниот „заклучок“ кој повторно содржи низаа дезинформации:
По овие инструкции е доволно за да се спречи вирусот Корона.
UNICEF
Испратете ја оваа информација за да ги спречите непотребните страдања.
Ве молиме копирајте и споделете!
Неточно. Со овие инструкции не само што не се спречува ширење на новиот корона-вирус, туку нивното практикување може да доведе до зголемување на заразата.
Оваа објава e лажно потпишана од UNICEF. Канцеларијата на УНИЦЕФ за Сeверна Македонија издаде соопштение дека немаат објавено вакво нешто.
НЕ ги копирајте и споделувате ваквите ненаучни објави. Споделувајте само информации објавени од сигурни извори, почнувајќи од СЗО и Министерството за здравство.
Помогнете во борбата против дезинформации со тоа што ќе ги читате и потоа споделувате објавите на КриТинк на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.
Овој напис е дел од специјалното известување на Фондацијата „Метаморфозис“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на болеста Ковид-19 предизвикана од новиот корона-вирус. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.