„Јутјуб“ оневозможува „антиваксер“ содржините да заработуваат од реклами

Фото: Википедија/ЈуТјуб

 

По написите на информативниот портал „Базфид“, „Јутјуб“ првпат и официјално објави дека ќе спречи пуштање реклами покрај содржини против имунизацијата, експлицитно истакнувајќи дека таквите содржини отсега ќе потпаѓаат под нивната политика, која забранува монетизација на видеоклипови со „опасна и штетна“ содржина

 

 

Најпознатата онлајн-платформа за објавување видеа – „Јутјуб“, која е сопственост на гигантот „Гугл“, најави дека наскоро ќе забрани објавување реклами на каналите што споделуваат видеоклипови против вакцинирањето, односно таканаречени „антиваксер“ содржини. Ваквите содржини неретко се објавуваат и на специјализирани страници на „Фејсбук“, како и на тематски видеоканали на „Јутјуб“ преку кои систематски се шират дезинформации за наводната опасност од употребата на вакцините.

Додека „Фејсбук“, на пример, под притисок на конгресмени и сенатори во САД, во период кога во земјата има зголемен број случаи на сипаници, објави дека работи на тоа „антиваксер“-содржините да не бидат промовирани и препорачувани на корисниците преку соодветните алгоритмички алатки на компанијата за таа намена, „Јутјуб“ досега не преземаше чекори во оваа насока.

 

ПРЕПОРАКИ СО АНТИВАКСЕР-СОДРЖИНИ НА КОРИСНИЦИТЕ

„Овој потег на ’ЈуТјуб‘, кој е сопственост на „Гугл“, покажува колку приватните компании имаат важна улога во решавање на проблемите со дезинформирањето, особено тие чиј бизнис-модел е базиран на привлекување кликови. Со оваа одлука ’Јутјуб‘ не врши цензура на контроверзните антивасерски содржини, туку ги дестимулира издавачите што копираат или креираат такви небулози за финансиска полза. Со тоа може сериозно да се намали количеството дезинформации, кои се докажано штетни за здравјето. Постапката е слична на таа што беше преземена кон сајтови со лажни политички вести од кои некои потекнуваа од Велес, за кои, исто така, е укината можноста да заработуваат од реклами,“ изјави Филип Стојановски, раководител на проектот на „Со критичко мислење кон граѓани со медиумска умешност – Критинк“, спроведуван од „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со поддршка од Европската Унија.

Порталот „Базфид њуз“ деновиве објавува написи токму на оваа тема, покажувајќи дека при пребарување на термини како „имунизација“ (immunization), на пример, на корисниците на „Јутјуб“ редовно им се нудат препораки да отворат видеоклипови со содржини што се спротивставуваат на вакцинирањето. Се разбира, „Јутјуб“ не дава препораки да се посетуваат само канали што се исклучиво против вакцинирањето, ниту, пак, таквите препораки се мнозински. Најголем дел од препорачаните видеоклипови и канали по овие прашања се оние на реномирани медицински установи во САД, како што се Универзитетот Џон Хопкинс или Клиниката Мејо, но неретко како препорака се јавува, на пример, и каналот VAXXED TV. Тој има 54 илјади претплатници и се претставува како промотивен канал за широко дискредитиран документарен филм против вакцинирањето од 2016 година. Филмот беше тргнат од програмата на познатиот Трајбека филмски фестивал во САД, а еден од продуцентите ја изгуби својата виза за престој во Австралија, откако таму одржа промотивна тура за овој документарец. Но, и покрај тоа, документарецот има публика и веќе се собрани 86 илјади долари за негово продолжение.

 

ПРИТИСОК НА ОГЛАСУВАЧИТЕ

Сепак, по написите на „Базфид“, „Јутјуб“ првпат и официјално објави дека ќе спречи пуштање реклами покрај содржини против имунизацијата, експлицитно истакнувајќи дека таквите содржини отсега ќе потпаѓаат под нивната политика, која забранува монетизација на видеоклипови со „опасна и штетна“ содржина. Она што ја прели чашата е постапката на огласувачите, кои ги повлекоа своите реклами од ваквите видеоклипови по истражувањата на „Базфид“. Исто така, голем дел од нив не ни беа запознати со фактот дека нивните реклами се појавуваат во видеоклипови со „антиваксер“-содржини.

„Јутјуб“ е особено важен зашто сè поголем број корисници сервисот го сметаат не само како место за забава, туку и за вести и информации, меѓу кои и тие од областа на здравјето.

„Базфид“ го цитира извршниот директор на „Јутјуб“, Сундар Пичаи, кој вели дека „корисниците не доаѓаат само за забава. Тие доаѓаат да најдат информации. Да научат нешто. Да откријат и да истражат“. Порталот цитира и неодамнешно истражување на јавното мислење на познатата агенција „Пју рисрч“, според кое повеќе од половината од корисниците на „Јутјуб“ го посетуваат заради вести и информации со што се потврдува изјавата на Пичаи.

Уште пред овие настани „Јутјуб“ изјави дека работи на алгоритмички измени за да се намали бројот на теориите на заговор на оваа онлајн-видеоплатформа преку препораките до посетителите, каде што има и „антиваксер“-видеоклипови. Компанијата најави дека измените во алгоритмите што им препорачуваат содржини на корисниците, ќе бидат воведени постепено и системот ќе станува сѐ поточен и подобар во нивното откривање како што ќе изминува времето.