Во објава на „Фејсбук“ се споделува манипулативен и шпекулативен текст, со којшто се пласираат потполно неосновани и погрешни заклучоци, кои не содржат никакви експериментални докази во поткрепа на изнесените тврдења. Постот шири невистини дека нова научна студија, наводно, потврдила дека вакцината „Фајзер“ предизвикува невродегенеративни болести. Споменатото истражување е непрецизно, непотврдено и не дава никакви научни податоци и докази кои сугерираат дека вакцините против ковид-19 можат да предизвикаат невродегенеративни заболувања, како Алцхајмеровата болест. Важно е да се напомене дека авторот на истражувањето, Ј.Барт Класен, е познат антиваксер
Текст којшто цитира неверифукуван истражувачки труд полн со шпекулации предизвикува страв за безбедноста на вакцината „Фајзер“ на социјалните мрежи. Се тврди дека вакцината на „Фајзер“ може да предизвика сериозни невродегенеративни заболувања, а изворот на ова тврдење е анализа напишана од Ј. Барт Класен, кој тврди дека вакцината против корона-вирусот на „Фајзер“ може да доведе до прион заболувања или невролошки заболувања како Алцхајмер и АЛС.
Истражувањето е непрецизно, непотврдено, шпекулативно, и, всушност, не дава никакви научни податоци и докази кои сугерираат дека вакцините против ковид-19 можат да предизвикаат прион заболувања или други невродегенеративни болести, како Алцхајмеровата болест.
Проверувачите на факти USA Today, не нашле поткрепа на ваквите тврдења во меморандумите на Управата за храна и лекови на САД, поконкретно во одлуката за одобрување на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“, кои вклучуваат клинички испитувања со десетици илјади волонтери. Освен тоа, досега во системот на американската федерална влада за пријавување на несакани ефекти од вакцините, не се пријавени случаи со појава на вакви заболувања по вакцинирањето.
РНК вакцините како што се „Фајзер“ и „Модерна“, не може да ја модифицираат човечката ДНК, како што се тврди во текстот, затоа што РНК не влегува во клеточното јадро, каде што е зачувана ДНК. Вакцините не можат да предизвикаат долгорочни последици кај луѓето затоа што РНК нема пристап до централното клеточно јадро. Ова значи дека таа нема контакт со нашиот генетски материјал и не може да се измеша со него. Откако ќе ја исполни својата цел, човечките клетки ја разградуваат РНК.
Написот, исто така, тврди дека вакцините РНК се „непроверен вид на вакцина што создава нови протеини и, всушност, може да се интегрира во геномот на човекот и дека дегенеративните состојби може да се појават во кое било време по примањето на вакцината“.
Ова тврдење е неточно. Иако технологијата за вакцини РНК е релативно нова во споредба со традиционалната технологија за вакцини, таа се развива околу две децении. РНК-вакцините беа тестирани за борба против рак и заразни болести, како што се грип, зика, ебола и беснило. Всушност, една од предностите на РНК-вакцините е нивниот повисок безбедносен профил во споредба со другите технологии за вакцинирање. Брзината со која беа развиени вакцините mRNA, делумно е благодарение на меѓународната соработка помеѓу јавните здравствени власти, истражувачите и производителите за време на пандемијата.
Важно е да се напомене дека авторот на истражувањето, Класен, е познат по тоа што е антиваксер. Во 2017 година тој му напишал писмо на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во кое го повикува да престане со владините политики за вакцинирање. Во писмото, тој напишал дека „вакцините предизвикуваат хронични имунолошки нарушувања како што се аутизам, дијабетес, астма, алергии и повеќе различни автоимуни болести и дека поради вакцините, овие болести се зголемуваат во епидемиски размери“.
Текстот завршува со стравичен заклучок дека вакцината може да биде „биооружје“, па дури и „поопасна од првичната инфекција“, што преставува само теорија на заговор за која нема никакви докази и научни факти. Целта е да се заплаши јавноста и да се создаде одбивност од вакцините, а со тоа и да се наруши процесот на имунизација на населението, кое е единствениот излез од епидемијата со корона-вирусот.
Сè на сè, станува збор за манипулативен и шпекулативен текст со којшто се пласираат потполно неосновани и погрешни заклучоци, кои не содржат никакви експериментални докази во поткрепа на изнесените тврдења.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.