Вакцината не ја менува вашата ДНК

Објава на „Фејсбук“ неточно тврди дека со вакцината се менува ДНК на примателот. Во постот е испуштено да се наведе дека спајк-протеинот, кој се создава по вакцинацијата, не е ист ни по квалитет ни по квантитет со спајк-протеинот на корона-вирусот

 

Исклучително вирален пост пренесува дезинформација дека е извршено генетско инженерство со ковид-19 вакцините, со кое се менува пораката на ДНК. Ова тврдење му е атрибуирано на доктор Ендру Вејкфилд.

На 1:20 мин од видеото докторот вели дека вакцината е генетски инженеринг, односно воведување генетски материјал од РНК-вирус во вашите клетки, кој бара од клеточната машина да продуцира протеин од вашите клетки за имунолошки одговор. 
Во постот се додава дека:
Вакцините развиваат спајк-протеин. Извршено е генетско инженерство. Пораката на ДНК се менува.

Овој доктор нема славна репутација и минато. Во 1980-тите и 1990-тите години неколку организирани групи му се спротивставија на вакцинирањето во Велика Британија. Во овој контекст, Ендру Вејкфилд и неговите колеги објавија студија во реномираното медицинско списание „Лансет“, која потоа е повлечена, по што во 2010 година Вејкфилд бил исклучен од Британскиот медицински регистар од страна на генералниот медицински совет на Британија. Лажното истражување врз 12 деца промовирало непостојна врска меѓу аутизмот и ММР-вакцините, против сипаници и рубела. Оваа студија го издигна антивакциналното движење, а Вејкфилд останува предводник на интернационалното антивакцинално движење. Многу други големи епидемиолошки студии не најдоа разлика во развојот на децата што примиле ММР вакцина и тие што не примиле.

Вејкфилд го има и во книгата „Докторот што го измами светот“, на истражувачкиот новинар Брајан Дир, чиешто известување во „Сандеј тајмс“ помогна да се разобличи студијата од 1998 г. како лажна и неетичка, како и методолошки несоодветна.

Тврдењето изнесено во постот, дека се менува ДНК во организмот на лице што се вакцинирало, е дезинформација.

На официјалната страница на Министерството за здравство, за вакцинацијата пишува дека МРНК-вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин.

Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, наведуваат здравствените власти во земјава, следејќи ги светските препораки и искуства околу вакцината.

Што се однесува на тврдењето изнесено во постот, дека по вакцинацијата се создава спајк-протеин, испуштено е да се каже дека тој не е ист ни по квалитет ни по квантитет со спајк-протеинот што се создава кај заболен од корона-вирусот.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски за „Вистиномер“ објасни дека преку вакцината воопшто не влегува материјален ентитет, односно спајк-протеин во организмот.

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк-протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк-протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имунолошки одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк-протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од таа што ја произведува самиот вирус, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.

Професор Џефри Алмонд од Универзитетот Оксфорд, за „Би-би-си“ изјави дека вакцината „Фајзер“ користи фрагмент од вирусниот генетски материјал или МРНК.

Кога ќе се инјектира мРНК во телото, тој не ја афектира на ниеден начин ДНК на човековата клетка, изјави тој.

MSK центарот за канцер наведува дека МРНК се разградува по 72 часа и исчезнува од телото и никогаш не оди во јадрото на клетката (каде што е лоцирана ДНК).

Алијансата за вакцинација ГАВИ посочува експлицитно дека преку вакцинацијата нема да се промени вашата ДНК.

Оттука, како дезинформација ги оценуваме изнесените твдења дека ДНК на вакцинираното лице се менува. Во постот се дезинформира и на тој начин што е испуштено да се наведе дека спајк-протеинот што се создава по вакцинацијата, не е ист ни по квалитет ни по квантитет со спајк-протеинот на корона-вирусот.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.