Проектот е финансиран од Европската Унија
Со критично мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк
Mendim kritik për qytetarë me shkathësi mediatike - CriThink
Critical Thinking for Mediawise Citizens - CriThink
Home Проверка на факти Вакцинираните против ковид-19 смеат да донираат крв по неколку недели

Вакцинираните против ковид-19 смеат да донираат крв по неколку недели

Не е вистина дека оние што се имунизирале не смеат да донираат крв, како што тврди оваа објава на „Фејсбук“. Во Македонија дефинитивно не е забрането оној што се вакцинирал и кој прележал ковид-19 да донира крв. Не е забрането ниту да дарува крвна плазма ако прележал ковид-19 и се вакцинирал. Тој што се вакцинирал, а не прележал ковид, не може да дарува конвалесцентна плазма. Во САД, исто така, не е забрането оние што се вакциниралe да донираат крв. Во Јапонија, пак, само оние што го зборуваат јапонскиот јазик смеат да донираат крв

 

 

Во постот што го рецензираме, објавен на „Фејсбук“, се тврди дека луѓето што примиле вакцина не смеат да даруваат крв.

Човеци со ваксајнс не смеат да даруваат крв. Дали знаете зошто?, прашува авторката на постот.

Илустрацијата што е споделена во рамките на ваквото тврдење е на француски јазик и во неа се вели дека Црвениот крст на Јапонија ги повикал оние што примиле вакцина да не донираат крв. Се додава дека Кина само што повикала да се прекине вакцината на „Фајзер“.

Меѓутоа, светските медиуми, како „Ројтерс“, на пример, веќе известуваат дека е извесно оти Кина планира да ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ како прва странска одобрена вакцина во нивната земја.

Кинеските власти ги прегледуваат податоците од клиничките испитувања за вакцината и се очекува да ја одобрат за домашна употреба во следните 10 недели, објави Ројтерс.

Што се однесува на делот од постот каде што се тврди дека оној што примил вакцина против ковид-19 не смее да донира крв, таа информација е неточна. Кога ќе се отвори веб-страницата на Црвениот крст на Јапонија, ваква информација воопшто не може да се пронајде.

Таму пишува:

Согласно нашите правила, мора да пополните задолжителен прашалник на јапонски јазик и да имате задолжителен преглед за донација на крв во Јапонија. Сите овие постапки се случуваат на лице место во објектите за донација. ПОради ова не можеме да прифатиме донации од луѓе што не го разбираат јапонскиот јазик. Ви благодариме за вашето разбирање и соработка, пишува на официјалната страница на Црвениот Крст на Јапонија.

За тоа дали некој што е вакциниран смее или не смее да донира крв, на веб-страницата на Црвен крст во Јапонија нема ниту еден збор.

Но, на веб-страницата на американскиот црвен крст има податливо објаснување што демантира дека тие што примиле вакцина не смеат да донираат крв.

Црвениот крст ги следи препораките на Агенцијата за храна и лекови за тоа кој може да донира крв откако ќе се вакцинира. Кога смеете да донирате крв по вакцинација, зависи од тоа која вакцина ќе ја примите. Ако сте примиле вакцина против ковид, ќе треба да го кажете името на производителот кога ќе дојдете да донирате. Во повеќето случаи, нема временска рамка за тоа колку време по вакцинацијата смеете да донирате, сè додека немате симптоми и се чувствувате добро за време на донирањето. Следните критериуми се апликативни за тие што примиле ковид-вакцина, прва или втора доза: Нема временска рамка на чекање по вакцината ако сакате да донирате крв доколку сте примиле нерепликативна инактивна или мРНА вакцина произведена од „Астра Зенека“, „Џонсон и Џонсон“, „Модерна“, „Новавакс“ или „Фајзер“. Донаторите на крв кои примиле жива вакцина или не знаат кој вид вакцина примиле мора да чекаат 2 недели пред да дадат крв. Без разлика на тоа која вакцина сте ја примиле, мора да сте без симптоми за време на дарувањето, пишува на официјалната страница на Црвениот Крст во САД.

Од нивното соопштение произлегува дека ако имате симптоми од вакцината, Црвен крст бара да ја одложите донацијата додека не се почувствувате подобро.

Значи, според американскиот Црвен крст, ако лицето знае која вакцина му е администрирана и се чвуствува добро, односно не е болно, може да донира крв.

Да се знае производителот на примената вакцина е важно за да може да дарувате крв. Ако донорот не знае со која вакцина се вакцинирал, ќе треба да почека 2 недели пред да даде крв, вели портпаролката на Црвен Крст, Џесика Мерил, за сајтот за проверка на факти „Политифакт.“

Таа појаснила дека процесот за донирање крв за вакцинирано лице е вообичаен и трае околу еден час, вклучува регистрација по пристигнувањето, пополнување доверлив прашалник за здравствената состојба, историјата на патување, проверки на телесната температура, хемоглобинот, крвниот притисок и пулсот. Мерил за „Политифакт“ додала дека компонентите на вакцината воопшто не се во крвта.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.