Вакцините против ковид немаат магнетизирачко дејство

Од почетокот на пандемијата до денеска, во јавниот дискурс една по една се појавуваа разни дезинформации и дезинформациски трендови, спротивни на медицинската и другите науки. Тие безмалку веднаш се пренесуваат и во земјава, а последниот е дека вакцините предизвикуваат магнетизирачко својство, што е чиста невистина

 

Во постот што го рецензираме изнесена е една моментно многу застапена манипулација, а тоа е дека вакцините, наводно, содржат чип, а како „доказ“ за тоа се приложува фотографија на која се гледа рамо на човек, на кое се залепени две монети, еден пар ножици, една супена лажица и се тврди дека тие се залепени привлечени од магнетското дејство на вакцината, која, инаку, се дава мускулно, во рамото.

Ако сакате да бидете магнетизирани, не двоумете се, право на ваксајнс а потоа на реваксајнс. А профитот нека си го делат глобалистите, пишува во постот. 

На социјалната мрежа „Тик-Ток“, ваквите „експерименти“ се претворени во предизвик, каде што корисниците поставуваат фотографии од залепен мобилен телефон на нивното рамо по наводната вакцинација.

Наспроти овие тврдења, во вакцините нема магнетизирачки компоненти. Ниту во оние на „Фајзер“, ниту во „Модерна“, ниту во „Астра Зенека“, ниту во „Спутник“, ниту во „Синовак“ и „Синофарм“, нема магнетизирачки компоненти.

Професорот по вирусологија на Универзитетот „Сорбона“ во Париз, Винсент Марекал, вели дека иако оваа дезинформација е атрактивна, не е базирана на вистина. 

Дури и кога вакцините би содржеле железо или никел (а НЕ СОДРЖАТ), количеството во вакцината би било премало за да се предизвика магнетизирачко дејство.

„Сите имаме јони на железо во нашето тело, а сепак не сме магнети“, вели Хелен Фишер, истражувач на Инститот „Жан Ламур“ во Франција.

Ерик Палм, директор на лабораторија за магнетски полиња на Универзитетот Флорида, вели дека иглите што се користат во вакцинацијата се толку мали, во дијаметар помали од 1 милиметар, што кога ќе се инјектира дозата, количеството вакцина е толку мало, што не дозволува магнетно дејство да се создаде, дури и кога екстремно магнентна состојка би била инјектирана (фиктивно и хипотетички).

За физичарот Ерик Палм, неколку фактори може да објаснат како на раката се залепени предмети: мрсна кожа, селотејп од задната страна на предметот или други лепила, кои пред снимањето се аплицирани на предметот или рамото.

 

Извинување од корисничката на „Тик-Ток“

Дури и девојката што го почна предизвикот на „Тик-Ток“, за „Би-би-си“ изјави дека „луѓето треба да престанат да веруваат во сѐ што ќе видат на Фејсбук, Јутјуб или на Тик-Ток“, додавајќи дека сето тоа било шега и го повлече видеото. Нејзиното извинување може да го погледнете со почеток на 2 минута на ова видео. Но, беше предоцна, бидејќи предизвикот на лепење метални предмети и лажењето дека тие се лепат на рамото поради вакцината против ковид, веќе зеде залет.

Производителот „Фајзер“ за „Њузвик“ изјави дека вакцината не предизвикува магнетизирачки ефект кога ќе се инјектира.

„Фајзер“ е свесен и знае за антивакциналните наративи и дезинформации, ОСОБЕНО на социјалните мрежи, кои имаат импликации ВРЗ некои луѓе повеќе отколку врз други за време на пандемијата, велат од компанијата.

Дозата на вакцината е помала од еден милилитар. Стандардната доза на „Фајзер“ содржи 0.3 милилитри. Тоа не е доволен волумен во кој би можел да се вметне микрочип, дури и кога некој би посакал да направи такво нешто. Дури и целата доза која се инјектира да содржи феромагнетен метал, повторно не би било доволно за да се создаде ефектот од видеоматеријалите.

Кога ќе се погледне составот на вакцината „Фајзер“, се гледа дека таа содржи МРНК липиди, калиум хлорид, содиум хлорид и сахароза. Значи, главно содржи липиди, протеини, соли и шеќери. Липиди, протеини, соли и шеќери може да се најдат во голем дел од храната и не се феромагнетни метали.

Доктор Селин Гаундер, епидемиолог и специјалист за инфективни болести, посочува дека во листата на состојки во вакцините нема железо:
Железото е еден од најчестите метали користен во магнетите, но ќе видите дека нема железо споменато во листата за составот на вакцината. Многу мултивитамини содржат железо и не гледаме дека луѓето стануваат магнетизирани или магнети им се лепат на телото откако ќе земат витамин, вели докторката.

 

Составот на вакцините е јавно достапен и кај нас

Информациите за сите антиковид вакцини од различни производители, кои што се администрираат во земјава може да ги погледнете на следниот линк заедно со нивниот состав и упатствата за употреба. 

Поради сите горенаведени факти, постот во кој се тврди дека со вакцината ќе бидете „магнетизирани“, го оценуваме како невистинит. Не може да се знае ниту кој е на фотографијата што го придружува постот ниту дали таа личност е воопшто вакцинирана, но дефинитивно е дека вакцината се администрира во многу мала доза, па и кога во неа би имало метал, не може да предизвика магнетизирачко дејство. И се разбира, во вакцините нема метали.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.