Вест што од Словенија до Македонија патуваше три години

 

[Рецензија: Словенија со Устав забрани продажба на изворите на вода за пиење]

 

На прв поглед интересна вест, споделено искуство од земја од регионот, која може да се земе како добар пример и да се примени и кај нас. Сè би било во ред кога веста би била нова и актуелна. Но, таа е бајата. Стара е речиси три години. Словенечкиот парламент навистина со нов уставен амандман го прогласи правото на пивка вода како основно човеково право. Но, не сега. Тоа се случило во ноември 2016 година.

Линк до оригиналниот напис: Словенија со Устав забрани продажба на изворите на вода за пиење

Датум и време на објавување: 8.6.2019

Датум на рецензија: 16.6.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Текстот, од непозната причина повторно е актуелизиран и споделен на многу портали како да е најнова информација. Најпроблематично е што првично бајатата вест била објавена на државната новинска агенција МИА, која добива пари од буџетот, односно од граѓаните за да ги информира точно и навремено. Потоа истата вест, „копи пејст“, е преземена и од други портали без притоа да се направат основни проверки за нејзината вистинитост и актуелност.

Во оригиналната информација се вели дека  словенечкото собрание на 17 ноември го усвоило овој амандман, но тоа е изоставено од бајатата вест. Доколку не било изоставено, ќе било чудно и невообичаено во јуни да се информира за настан што се случил во ноември.

Во веста од 2016 година, кога била нова и актуелна, има и изјава од премиерот на Словенија, Миро Церар. Но, веста е толку бајата што сега премиер не е Церар, туку од 13 септември 2018 година на таа позиција е избран Марјан Шарец.

Едно од основните начела на професионалното новинарство, освен точно и вистинито да ја информира јавноста, е тоа да го прави навремено. Кога на една вест ќе ѝ помине актуелноста, таа станува бајата, со што ја губи својата вредност, но и важност. Покрај тоа, пренесувањето бајати вести може да влијае негативно и врз интегритетот и популарноста на медиумите што ги објавуваат.