[Рецензија: Не ѝ одговора да се говори за криминал пред избори: Власта врши притисок да се одложи судењето за „Меѓународен сојуз“]
Рецензираме текст што уште во насловот донесува тврдење за кое не нуди докази дека е точно. Шпекулацијата дека „на власта не ѝ одговара да се зборува за криминал пред избори“, не се потврдува со ништо. Иако, написот, всушност, почива на темелите на тоа тврдење, а читателот останува излажан дека ќе ја дознае вистината за тоа дали власта ќе ја спречи судската разврска на случајот „Меѓународен сојуз“, попознат како „Рекет 2“ или нема. Тогаш се поставува прашањето – зошто воопшто некој би напишал новинарски текст кој најавува ама не кажува ништо ново?
Линк до оригиналниот напис: Не ѝ одговора да се говори за криминал пред избори: Власта врши притисок да се одложи судењето за „Меѓународен сојуз“
Датум и време на објавување: 29.6.2020
Датум на рецензија: 30.6.2020
Рецензент: Југослава Дуковска
Написот се бави со темата – ќе има ли судско рочиште за „Рекет 2“ или не и – зошто не, а притоа веќе во насловот изнесува тврдење дека „власта врши притисок“ за одложување на судски процес чиешто одржување би можело да исфрли на површина податоци што не ѝ одговараат. Во самиот текст потврда на ваквото тврдење нема.
На почетокот нè информира дека:
Во среда треба да започне судскиот процес за невладината организација на Бојан Јовановски „Меѓународен сојуз“. Во јавноста овој случај е познат како „Рекет 2“, откако првиот дел од овој случај доби судска разрешница со пресуди за Боки 13 и Катица Јанева.
Потоа следува „крунскиот аргумент“ дека:
Во политичките кругови веќе се коментира дека власта со сите сили прави напор да се одложи почетокот на овој процес.
Кои политички кругови, написот не кажува. Нема дури ни неименуван извор на кој новинарот му верува дека ќе извести за тоа што точно се зборува во „тие кругови“ , на каков начин власта прави напор да го одложи почетокот на судењето: дали врши притисок врз судии, има ли закани, уцени, заткулисни пазарења? Кој, што, како? Тоа, очигледно, „круговите“ не го споделиле за потребите на овој напис, а тврдења дека нешто „се зборува“ без да постои извор на таквите тврдења, па макар и анонимен, е несериозно за еден новинарски производ и за едно вака сериозно тврдење.
Во истиот текст стои и дека рочиштето за „Рекет 2“ е закажано за среда во 10 часот, па на читателот не му преостанува ништо друго туку да почека до среда кога ќе се види дали судењето ќе почне или не. И, доколку не почне, кои причини ќе бидат наведени за тоа, па да реши дали да им верува на „круговите“ за кои се зборува во написот.
Целта е јасна, на власта во овој момент никако не ѝ одговара да се говори за криминалите кои во секој случај ќе испливаат кога ќе почнат рочиштата.
Оваа констатација би имала тежина само доколку веќе спомнатите „кругови“ што се извори на информациите на новинарот му кажат некој „инсајдерски“ податок, кој со докази (имиња, контакти, поврзаност, мотиви) ќе го убеди читателот дека навистина има некаков заговор или спрега на власта со судските инстанци за да не излезе на виделина криминалот за кој зборува овој напис. Доколку дошол до такви сознанија, новинарот нема причина да не ги објави дури, ако треба, и да го заштити идентитетот на својот извор. Вака, читателот треба на „жими мајка“ да поверува дека тоа навистина се случува.
Поради несериозниот пристап кон објавувањето на тврдења што не се поткрепени со никаков доказ, „не поминува“ ниту следнава констатација дека:
Власта најверојатно се исплаши од признанието на Јовановски по изрекувањето на пресудата дека „рекетираните пари во Македонија треба да се бараат кај Зоран и Вице Заеви“.
Се наметнува прашањето: зошто некој би поверувал во ова тврдење кога за она напишано малку погоре во текстот – нема докази?
Новинарите и медиумите се и треба да бидат „чувари на демократијата“ и на правдата, но за да бидат успешни во таа улога, неопходно е да се држат до вистината и до фактите.