Во Битола панел-дискусија за медиумска писменост и критичко размислување

На 01.03.2019 година во малата сала во Центарот за култура во Битола беше одржана панел-дискусија за медиумска писменост и критичко размислување во рамки на проектот „Тема за дилема“. Овој проект го реализира Здружението „ГАНИМЕД“ од Битола со медиумскиот партнер „ТВ21“ и е дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ кој е спроведуван од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, а е финансиран од Европска Унија.

Панелисти на овој настан беа Билјана Бејкова, извршен директор на НВО „Инфо центар“, Васко Маглешов, новинар во „Макфакс“ како и на Наташа Чавдаровска и Ана Секуловска, предавачи на претходно завршените работилници во рамки на проектот „Тема за дилема“. Учесниците имаа можност да ги споделат своите ставови и искуства за медиумската писменост и критичкото размислување со повеќе од 100 средношколци од сите битолски општински училишта кои активно се вклучуваа со свои прашања. Она што најмногу го привлече вниманието кај публиката беше искуството на дискутантите и реалните проблеми со кои се соочуваат во текот на нивната работа. Дискусија предизвикаа социјалните мрежи и лажните вести, а интерес пројави и правото за слобода на говор и изразување.

Овој настан беше отворен со емитување на седумте едукативни видеа за медиумска писменост во кои протагонисти беа битолските средношколци, а по завршувањето на дискусијта од страна на организаторите беа доделени сертификати за учениците кои беа вклучени во сите активности од шестмесечниот проект „Тема за дилема“.