Во цртаниот филм од деведесеттите што се споделува во овој пост на „Фејсбук“ ниту се зборува ниту, пак, е можно тој да се однесува на глобалната пандемија на корона-вирусот, која ќе настапи триесетина години подоцна. Во видеоматеријалот од цртаниот филм не постојат никакви специфики карактеристични исклучиво за ковид-пандемијата, туку во нарацијата се споменува инфлуенца и затворање на сите локални училишта, како што е случај со сите епидемии на заразни болести што се пренесуваат по респираторен пат. Цртаниот филм само е злоупотребен за да се минира процесот на вакцинација и да се создаде теорија на заговор за наводните темни сили одговорни за медикаменти и вакцини, што претставуваат согледувања кои се комплетно невтемелени во реалноста
Рецензираме објава на „Фејсбук“ во којашто се тврди дека видеоматеријалот од цртан филм што е прикачен во рамките на постот, всушност, е предвидување за иднината, за појавата на ковид-пандемијата.
Станува збор за јапонскиот цртан филм Sailor Moon, оригинално од 1992 година. Во видеоматеријалот се тврди дека ковид-19 е разобличен во цртан филм од 90-тите години, односно дека цртаниот филм се однесува на ковид-пандемијата, само затоа што во сценариото на цртаниот филм се изложени елементи од нарација (комплетно фиктивни), во кои се тврди дека темните сили сакаат да продолжат да даваат медикаменти и вакцини кај населението.
Но, во цртаниот филм ниту се зборува ниту е можно да се зборува за пандемијата со корона-вирусот, туку во нарацијата се споменува инфлуенца. Во нарацијата на цртаниот филм се споменува затворање на сите локални училишта, како што е случај со сите епидемии на заразни болести што се пренесуваат по респираторен пат. Исто така, се тврди дека нема лек, меѓутоа во случајот со ковид-пандемијата, има вакцини, кои штитат од тешка форма на ковид и од смрт.
Во видеоматеријалот што го рецензираме се оди и чекор подалеку, па се тврди дека вакцините и медикаментите се администрирани од страна на некакви темни сили. Голем парадокс! Ем се тврди дека нема лек ем единственото средство за победа врз ковид-19 и создавање колективен имунитет, се вели дека е производ на темните сили, што е контрадикторно.
Ковид-19 е инфективна болест предизвикана од новооткриен корона-вирус пред само една и пол година и на ниеден начин не би можела да биде предвидена во деведесеттите, спротивно на она што го инсинуира цртаниот филм.
Во меѓупериодот од објавувањето на цртаниот филм до пандемијата со корона-вирусот, во светот се појавија и други пандемии предизвикани од респираторен вирус.
Оттаму, во цртаниот филм од деведесеттите ниту се зборува ниту, пак, е можно да се однесува на глобалната пандемија на корона-вирусот, која ќе настапи триесетина години подоцна. Во видеоматеријалот од цртаниот филм не постојат никакви специфики карактеристични исклучиво за ковид-пандемијата, туку е злоупотребен за да се минира процесот на вакцинација и да се создаде теорија на заговор околу наводните темни сили одговорни за медикаменти и вакцини, што претставуваат согледувања што се комплетно невтемелени во реалноста.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.