Во иранскиот напад врз американските бази НЕ загинаа 80 лица

[Иран им одговори на САД со напад на бази во Ирак, убиени најмалку 80 лица]

Информацијата дека Иран нападна две американски бази во Ирак, по убиството што САД го изврши врз иранскиот генерал Касим Сулејмани, силно одекна во медиумскиот простор, каде што во желбата што повеќе и побрзо да се информира, медиумите направија грешки.

Линк до оригиналниот напис: Иран им одговори на САД со напад на бази во Ирак, убиени најмалку 80 лица

Датум и време на објавување: 8.1.2020

Датум на рецензија: 10.1.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Откако Иранската револуционерна гарда истрела балистички ракети врз двете американски бази во Ирак, Иранската државна телевизија побрза да објави дека во нападите врз базите биле убиени најмалку 80 Американци. И не сподели како е добиена оваа бројка, не понуди извор, ниту даде нешто што би било потврда.

И медиумите без да направат детални проверки или да почекаат информацијата да биде потврдена барем од уште еден релевантен извор, побрзаа така непроверена да ја објават и да ја дезинформираат јавноста.

Уште попроблематично во оваа ситуација е што оваа информација е преземена и објавена од државната новинска агенција МИА, а потоа преземена од низа други медиуми и веб-портали. МИА како државна новинска агенција треба да биде сервис кој на другите медиуми ќе им нуди информации кои треба да бидат точни, проверени и непристрасни.

Не значи дека ако Иранската државната телевизија објавила оти се убиени најмалку 80 лица дека тоа по автоматизам е точно. Особено затоа што информацијата доаѓа од медиум во државна сопственост на земјата што го изврши нападот. Тоа треба да е многу јасен знак дека информацијата може да е намерно пуштена за да се збуни јавноста и да се предизвика одредени чувства, особено кај иранската популација.

Кога се чита само насловот, кој тврди дека се убиени 80 лица, се добива впечаток дека информацијата е точна и потврдена. Посоодветно во овој случај би било уште во самиот наслов да се наведе дека таа бројка ја тврди Иранската државна телевизија за на јавноста уште од старт да ѝ стане јасно од каде потекнува информацијата и оти треба да се земе со резерва.

Ова беше демантирано од американските власти, кои тврдат дека при нападот нема жртви.

Во обраќањето пред нацијата од Белата куќа, претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека ниту еден Американец не е убиен или ранет при лансирањето на десетина балистички ракети против двете воени бази во Ирак.

Ниту американски ниту ирачки животи се загубени како резултат на преземените мерки на претпазливост и системот за рано предупредување што работеше многу добро, ИЗЈАВИ ТРАМП.

Како што објави „Вашингтон пост“, американските власти знаеле дека иранските ракети доаѓаат неколку часа пред нападот откако биле предупредени од разузнавачки служби и ова е причината сошто биле избегнати жртви.

Важно е да се напомене дека и два дена по објавата на оваа шпекулација, МИА сè уште не направила корекција на објавата и сé уште може да се најде оваа вест со овој наслов.