„Водовод“ не отпиша „три милиони евра долгови на екс министри и пратеници“ – ни сега, ни во 2016

Навод во пост објава на Фејсбук тврди дека има отпис на три милиони евра за екс-министри и пратеници за потрошена вода и неплатена ѓубретарина на територијата на Скопје, од страна на ЈП „Водовод и канализација“. Нешто што може да се нарече „отпис“, всушност, е книговодствена преквалификација на спорни и сомнителни побарувања, која се случила во 2016 година, а не денес како што се разбира од постот. Од друга страна, пак, нема никаква потврда дека такво нешто имало за екс министри и пратеници. Според тоа, содржината на постот е невистина

Објава на Фејсбук група доведува до невистинити заклучоци во врска со прашањето за привилегирани при отпис на долгови за комунални услуги, во случајот услуги за вода и ѓубретарина. Постот е, всушност, преземен твит во кој се наведува дека скопското јавно претпријатие ЈП „Водовод и канализација“ отпишало три милиони евра долгови за своите услуги на екс министри и пратеници:

Водовод отпиша три милиони евра долгови на екс министри и пратеници, а за народот извршителите да му наплатат десет пати повеќе од долгот. Ова ли е тоа живот за сите

Ваквиот пост е со невистинита содржина, плус со манипулација дека тоа се случува сега, во реално време. Упатува и на заклучок дека тука се инволвирани сегашните структури на Град Скопје, како и сегашната извршна власт. Тоа посебно се гледа со прашањето „Ова ли е тоа живот за сите“, бидејќи многу јасно упатува на претходната предизборна кампања на владејачката СДСМ со наслов „Живот за сите во Македонија“.

Содржината на фотографијата преземена од извесен твит корисник Каурката 903, се базира на информација стара четири години. Имено на 20 септември 2016 година, еден медиум потсетува на неодговорено прашање од советникот на СДСМ во Град Скопје во тоа време Дамјан Манчевски, кој таа година барал од тогашното мнозинство во Град Скопје и тогашниот градоначалник Коце Трајановски, да одговорат зошто ЈП „Водовод и канализација“ отпишало долгови на едни, а на други не, односно „зошто едни да плаќаат, а на други да им се брише долгот за вода и ѓубретарина“.

Во темата што во септември 2016 година ја актуелизираше порталот „Сакам да кажам“ се наведува дека ни по четири месеци од ваквото прашање советникот и советничката група не добиле одговор, дека одговор не добил ни Народниот правобранител Иџет Мемети, кој поттикнат од јавно поставеното прашање и тој почнал да го истражува случајот, но и дека добиле одговор од ЈП „Водовод и канализација“, правејќи ја темата. Во одговорот што го добила редакцијата се наведува:

Станува збор за исправка на вредноста на побарувањата во моментот на утужување и исправка на вредност на побарувања од претходни години, за кои наплатата е отежната, за кои не е направен директен отпис и нивно бришење, туку нивно усогласување согласно даночните прописи и нивно евидентирање во спорни и сомнителни побарувања. Ваквото евидентирање на побарувањата не се однесува на сопствена иницијатива на корисниците ниту пак има привилегирани корисници. Исправката на вредноста се прави во моментот на утужување и кога се врши годишен попис со цел објективно презентирање на финансиските извештаи. Делумно одобрување на побарувањата од корисниците се врши само преку Комисијата за спорни сметки. Не станува збор за привилегирани корисници, туку за корисници кои се обратиле до Комисијата и ги задоволиле условите кои се бараат за делумно одобрување на сметката, најмногу до 50 отсто од износот, велат од „Водовод“.

Како што може да се види од одговорот, нешто што може да се нарече „отпишување“ за ЈП „Водовод“ и не е баш формално така, зашто станува збор за корекција на парите што се водат како побарување, односно „исправка на вредноста на побарувањето во моментот на утужување“. Од одговорот се разбира дека тие пари на име на долг ЈП „Водовод“ ги ставил книговодствено во „спорни и сомнителни побарување“. Освен ова ЈП „Водовод“ тврди дека тоа не се прави по лична иницијатива на граѓаните кои се водат како должници, „ниту пак има привилегирани корисници“.

Ако се погледнат и финансиски и ревизорски документи (види точка 2), што може да се најдат на веб страната на ЈП „Водовод“, може да се види дека во таа 2016 година, претпријатието навистина имало побарувања само од домаќинствата во висина од 3,5 милиони евра, кои сите биле утужени (види страна 86). Тие се ставени во графата „вредносно усогласување, т.е. обезвреднување на тековни средства“.

Од сето ова може да се заклучи дека станува збор за долгови, односно побарување на ЈП „Водовод“ за кои не може да се каже дека се класично отпишани. Второ, јасно е дека таква операција не може да се прави селективно, а да се сокрие во документите, а дури и да имало такви случаи, досега јавно или институционално не е утврдено дека ЈП „Водовод“ „им отпишал долгови на екс министри и пратеници“.

Она што е најважно во врска со Фејсбук објавата што ја рецензираме, пак, е дека тоа не се случило сега (и тоа на ниво на афера покрената со прашање од тогашната советничка група на СДСМ), и дека нема никаква правна разрешница или нови факти во годините потоа.

Освен ова, во вториот дел од постот се наведува дека „за народот извршителите да му наплатат за десет пати повеќе од долгот“ е генерализирано мислење кое и да е точно, не може да се поврзе само со наводниот отпис на долгот на екс министри и пратеници за вода и ѓубретарина. Проблемот со наплата преку извршители е општ во државата, поради што на уште во јуни 2018 година беше преставен нов закон со кој генерално трошоците се намалуваат за 50 до 90 отсто, а поради новиот Тарифник што го предложи Министерството за правда на крајот од 2019 година, извршителите дури и излегоа на штрајк.

Поради горе наведените аргументи може да се оцени дека станува збор за објава со невистинита содржина.
(vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс-наведи извор-без изведени дела.