Воведна средба со грантистите од програмата за мали грантови на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“

Во склоп на програмата за мали грантови од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, на 19.10.2018 (петок) во Граѓанскиот ресурсен центар, Скопје, се одржа воведна средба за грантистите. Во рамките на средбата шесте грантисти од  шест различни плански региони во Македонија ги презентираа своите проекти со што имаа прилика да ја запознаат јавноста со своите проекти, меѓусебно да се запознаат како и да разменат идеи за понатамошното спроведување на активностите. Исто така, беше оставена можноста да ги истражат идните потенцијали за евентуално нивно вмрежување и заедничка работа во унапредување на медиумската писменост во земјата.

Како што истакна Филип Стојановски, програмски директор во „Метаморфозис“, целта на проектот, со финансиска поддршка на Европската Унија преку ИПА-Програмата за граѓанско општество и медиуми, е да се работи повеќе со граѓаните, наместо со новинарите, за да се крене нивото на критичко размислување кај граѓаните, оти дезинформациите и другите негативни појави се насочени кон нив, а не толку кон новинарите.

– Младите се авангардата и нивната едукација за критичко размислување е нешто што, се надеваме, ќе има долгорочни ефекти, и овие проекти и нивниот ефект ќе имаат еден свој живот, кој ќе трае долго – порача Стојановски.

Горан Лазаров од „Евротинк“, кој е еден од координаторите на проектот, рече оти денешниот координативен настан има цел да создаде мрежа на соработка меѓу организациите добитници на грантови, која на локално ниво ќе ги спроведува целите на главниот проект.

– Целта е темата околу критичкото мислење и медиумската писменост да ја спуштиме и на локално ниво. Голем дел од активностите на субгрантистите е поврзан со создавање медиумски производи, одржување јавни настани и целта е да се направи некакво вмрежување на сите активности и на тој начин да се влијае по овие прашања на национално ниво – вели Лазаров. 

Проектите ќе ги реализираат „Диверзити медиа“ со „Алсат-М“, ДРОМ од Куманово со телевизијата „Плус“, Фондацијата „Фокус“ од Велес со „Дума“ и телевизијата КТВ, „Ганимед“ од Битола со ТВ „21“, Македонскиот институт за европски студии (МИЕС) со „Студентско радио“, како и „Медиа плус“ од Штип со „Канал 77“.  

Дополнително, средбата беше искористена за обука на која на грантистите им беа дадени насоки за: финансиско и административно водење на проектите; за планот за мониторинг и евалуација на имплементираните активности, како и за начинот на кој ќе ги направат своите проекти видливи за пошироката јавност и начините со кои ќе комуницираат со неа. 

На средбата, покрај претставниците на граѓанските организации и медиумите, присуствуваа и претставници на Мрежата за медиумска писменост, од каде што посочија дека активностите што субгрантистите планираат да ги спроведат во наредните шест месеци можат да бидат од огромна помош за нејзино  понатамошно ширење и развивање.