Вулгарен и измислен наслов „залепен“ на текст за бегството на Груевски

Текстот што е предмет на оваа анализа, добил наслов што апсолутно ниту е поврзан со текстот, ниту е вистинит. Насловот е чиста измислица и не претставува ништо друго освен вулгарен и навредувачки коментар на оној што го пишувал текстот

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Фејсбук-објава на текст со недолична содржина предизвика големо внимание и многу коментари. Насловот е истовремено сензационалистички и ги наведува читателите да донесат погрешен заклучок. Освен тоа, насловот тврди нешто што потоа читателот не може да го прочита во текстот, ниту да го потврди со факти и докази.

Бегството на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, повторно ја отвори темата за друг бегалец од правдата – неговиот братучед, поранешниот премиер Никола Груевски. Во интервју за „Утрински брифинг“, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски говори за деталите поврзани со ова бегство.

Но, текстот што е предмет на оваа анализа, добил наслов што апсолутно ниту е поврзан со текстот, ниту е вистинит. Насловот е чиста измислица и не претставува ништо друго освен вулгарен и навредувачки коментар на оној што го пишувал текстот.

ВЛАСТА СО НОВИ ДЕТАЛИ ЗА БЕГСТВОТО НА ГРУЕВСКИ, ѝ РЕКОЛ НА БОРКИЦА СЕКС САМО СО КОМШИЈАТА НА ДРУГ НЕ ДАВАЈ ИЗВАДИЛ ГОЛЕМА СУМА НА ПАРИ, БИЛ И СЛЕДЕН

Текстот е преземен од порталот „Прес24“, и соодветно е цитиран изворот на информацијата. „Прес24“, пак, направиле објава со цитати од интервјуто на Спасовски за „Утрински брифинг“. Вистина е дека во тоа интервју Спасовски зборува за бегството на Груевски, но не е вистина дека ги кажува повеќето од работите што се наведени во насловот.

Притоа, самиот наслов не е дообјаснет во текстот. Единствениот вистинит дел од насловот е дека Спасовски во интервјуто вели дека Груевски пред бегството извадил голема сума пари. И толку. Ниту ја спомнува неговата сопруга Боркица ниту ги изјавува недоличностите што се спомнати во преостанатиот дел од насловот.

Текстот на веста е сериозен и коректно и точно пренесува дел од изјавите на Спасовски. Но, џабе коректноста на текстот кога му е „залепен“ ваков од ракав истресен наслов, кој дефокусира и служи само да привлече внимание на социјалните мрежи. Со ваков наслов се поттикнуваат дел од корисниците на социјалните мрежи навредувачки да коментираат и да шират говор на омраза, а за такво нешто апсолутно нема потреба.

Факт е дека со ваков измислен, невистинит и вулгарен наслов целта била само да се привлече било какво внимание на социјалните мрежи (па дури и негативно) и да се навреди некого без факти и докази. Во најмала рака е срамно за новинарската професија текстови да добиваат вакви наслови, кои немаат цел професионално информирање на јавноста.