[Рецензија: Власта остави многумина на милост и немилост: Граѓани ги споделуваат своите маки, со хуманост до храна и пари за лекови]
Во време кога земјата се соочува со пандемија на коронавирусот, легитимно е новинарите да „вперат прст” во професионалноста и капацитетот на системот за да се справи со ситуацијата. Но, се разбира, тој „притисок” над власта, особено во вакви околности, треба да се прави со максимални напори за почитување на Етичкиот кодекс професионалните новинарски норми. Токму последните му недостасуваат на текстот што е предмет на оваа рецензија.
Линк до оригиналниот напис: Власта остави многумина на милост и немилост: Граѓани ги споделуваат своите маки, со хуманост до храна и пари за лекови
Датум и време на објавување: 15.04.2020
Датум на рецензирање: 16.04.2020
Рецензент: Дрилон Салиу
Дека на текстот му недостасуваат неколку професионални и етички елементи ќе образложиме со ред, почнувајќи од насловот кој гласи: „Власта остави многумина на милост и немилост: Граѓани ги споделуваат своите маки, со хуманост до храна и пари за лекови“
Насловот на овој напис е бомбастичен со сериозни обвинувања и од него се добива впечаток дека во државата се случува нешто страшно, дека луѓето се оставени на милост и немилост и земјата се наоѓа во хаос па луѓето се самоорганизираат! Но, во ниту еден дел од содржината на написот ваквите наводи не се поткрепени со факти, докази, или, пак, извори.
Понатаму, на самиот почеток на текстот се вели:
Во овој тежок период, кога многу граѓани останаа на милост и немилост, очајно е потребна помош. Дел од нив останаа без работа, други без плата. Меѓу нив, самохрани родители, болни, сиромашни…Во недостиг на слух од власта, нашите сограѓани кои имаат мака, бараат помош на социјалните мрежи…
Како „доказ” за куп обвинувања кон власта е користен скриншот на текст од наводно барање за помош на мајка од Делчево, чиј идентитет е покриен. Кој, од каде и колку се тие „многу граѓани” за кои се тврди дека се оставени на немилост, читателот нема можност да дознае. Во написот не е направен ниту најмал обид да се образложи тоа.
Текстот тврди, ама не нуди одговори како властите ги оставија граѓаните на немилост, а нема ни став за ова „тешка ситуација” од засегнатата страна, Владата. Наместо тоа, се користат обвинувања какo во следниот пасус:
Државата е ДОЛЖНА да им помогне на ваквите случаи, но нејзините претставници уживаат во луксуз и не ја знаат маката на обичниот народ.
Текстот, фактички, содржи тенденциозни непоткрепени обвинувања испреплетени со лични ставови, а со единствена цел да се критикува Владата. Овој напис, гледано во целина е коментаторски и без никакви факти и докази. Таквиот впечаток се засилува со употребените фрази, како овие, на пример: „Многу граѓани останаа на милост и немилост”; „За граѓаните и нивната хуманост-СЕКОЈА ЧЕСТ!; „Но, за Владата-СРАМОТА Е!” ; напишани со цел на текстот да му се даде некаква емотивна димензија. Овој начин на манипулација, кога авторот користи сентимент во пласирање на сопствениот став за потоа да го претстави како вест, во стручната литература е познат како „повикување на емоции“. Па, гледано од тој агол, текстот повеќе наликува на извадок од некоја емотивна творба, отколку на информативна содржина – категоријата во која е објавен.
Наспроти ваквиот начин на пишување и пласирање на информациите, професионалните новинарски стандарди се јасни дека секогаш треба да се прави разлика меѓу фактите и личните мислења. Новинарот е должен да информира правилно и непристрасно, без да вклучи елементи на коментар и не повикувајќи се на емоции во неговото известување. Тоа е јасно определено во Кодексот на новинарите, каде е прецизирано дека „треба да се прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.
Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.