Додека не се најде специфично и ефикасно лекување за корона-вирусот во светот, новинарите не треба да делат рецепти, цитирајќи различни „лекари“ за тоа како да се лекуваме од оваа болест. „Рецептите“ преку интернет можат да направат огромна штета ако некое лице заразено со ковид-19 се лекува според таквите совети.
Линк до оригиналниот напис: Италијански доктор дава неверојатен рецепт за тоа како да се лекувате од Ковид! Во домашни услови
Датум на објавување: 5.4.2021
Датум на рецензија: 11.4.2021
Рецензент: Ардит Рамадани
За да добие повеќе кликови, авторот на написот што го рецензираме ги манипулира граѓаните давајќи им различни рецепти за тоа како да се „лекуваат“ од ковид-19 во домашни услови. Иронично, во првиот пасус од оваа „вест“, на крајот од реченицата, авторот нè испраќа до вистинската цел на написот:
Веднаш по прикажувањето на „рецептот“, пишува: „Кликнете на огласот за да ја прочитате целата вест“.
Имајќи предвид дека граѓаните под дејство на стрес и емоции предизвикани од ковид-19 веруваат речиси во сè што ќе прочитаат, овој „новинар“ увидел дека ова е важна алатка за заработка преку реклами, но истовремено предизвикувајќи им непредвидлива штета на луѓето.
Додека од Светска здравствена организација (СЗО) неколкупати беше констатирано дека не постои „фиксно“ лекување за болеста ковид-19, авторот на оваа вест го напишал „рецептот“ со разни лекови, коишто, според него, граѓаните треба да ги користат.
Во случаи со благи симптоми (температура не повисока од 38 степени или благи респираторни симптоми), користете парацетамол или аспирин (ацетилсалицилна киселина) ако немате контраиндикации, пишува во веста што ја рецензираме.
Важно е да се напомене дека дури и ако некој лек, за кој навистина мислите дека може да ви помогне во борбата против ковид-19, дефинитивно треба да се консултирате со вашиот лекар пред да го користите, а не со написи на интернет.
Новинарот не смее да „препишува лекови“
Иако, авторот на овој напис се повикува на италијански лекар, кој според него се вика Басети, тој не користел никаков цитат или извор каде што овој лекар се изразил на таков начин како што тврди авторот на овој напис. Значи, веста е целосно непроверена и потенцијално претставува измама.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи, се вели во член 1 од Етичкиот кодекс на новинарите.
За оваа вест да биде што поуверлива, а следствено на тоа да има што повеќе кликови во огласот што новинарот го нагласува уште во првиот пасус, тој се повикува на авторитетот на „италијански лекар“ – метод на манипулација што се посочува во Прирачникот на Критинк.
Склоност да се припише вистинитост на исказ доколку е кажан од авторитет, вака се објаснува техниката на манипулација „ПОВИКУВАЊЕ НА АВТОРИТЕТ“.
Со оглед на тоа што сме во време на пандемија и граѓаните се под стрес и загрижени за своето здравје, авторот на овој напис се поиграл со емоциите на читателите со цел да добие што е можно повеќе кликови – техника која во прирачникот на „Критинк“ е позната како „Повикување на емоции“.
Склоност да се користи говор базиран на убедување наместо факти, со цел да се разбудат емоции кај соговорникот и да се победи во дискусијата – вака се објаснува техниката на манипулација „Повикување на емоции”.
На крајот, авторот целосно го занемарил и заобиколил главниот извор на информации за ковид-19, а тоа е Светската здравствена организација, којашто јасно истакнува дека сè уште не постои специфичен лек за корона-вирусот. Затоа, важно е секој да си ја врши својата работа, а кога пациентите ќе почувствуваат симптоми, да се јават кај својот матичен лекар и никако да бараат лекување преку интернет.