Задоцнето објаснување искористено за креирање лажна вест

 

[Рецензија: Скандалозно признание на министерот Филипче дека глумеле вакцинирање на внуката со МРП-вакцина]

 

Насловот на текстот што го рецензираме е лажен, бидејќи министерот за здравство Венко Филипче никаде не признава дека глумел вакцинирање на внуката со МРП-вакцина. Во прашањето и одговорот [to се извадени од интервјуто на Филипче за Радио „Слободна Европа“ – на македонски јазик, тој не спомнува дека глумел, туку објаснува со каква вакцина ја вакцинирал внуката и зошто иглата на вакцината не се забележува на фотографијата.

Линк до оригиналниот напис: Скандалозно признание на министерот Филипче дека глумеле вакцинирање на внуката со МРП-вакцина

Датум и време на објавување: 27.1.2019

Датум на рецензирање: 28.1.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Текстот веднаш почнува со прашање и одговор на министерот, без притоа да се даде вовед за читателите да се информираат дека станува збор за новинарско прашање за неделното интервју на министерот Венко Филипче за Радио „Слободна Европа“. Ниту, пак, написот информира дека Филипче на 10 јануари ја вакцинира внуката Илина, од каде што произлегува и прашањето во посоченото интервју. Ниту тогаш, а ниту во интервјуто тој не спомнува дека внуката ја вакцинирал со МРП, за сега да глуми, како што се тврди во насловот.

Ова неверојатно признание на Филипче доаѓа по серијата скандали околу вакцините против МРП, погрешни декларации и антивакцинална кампања.

Министерот Филипче и да сакал да ја вакцинира внуката со МРП – не можел, бидејќи според Календарот за имунизација, таа се прима на 12 месеци, а децата ги вакцинираат на 13 месеци. По прогласување на епидемијата во Скопје на 2 јануари годинава, здравствените власти дадоа наредба со половина доза МРП да се вакцинираат и бебиња над шестмесечна возраст. Според фотографијата на која Филипче ја вакцинира внуката, јасно се гледа дека бебето не е на таа возраст. И од Министерство за здравство испратија демант за оваа вест и апелираат до граѓаните да ги проверуваат вестите што се пласираат во дел од медиумите, бидејќи станува збор за лажни вести.

Мојата внука е мала, и не може да биде вакцинирана со МРП-вакцината. Но, јас како дел од здравствените работници ги уверувам сите граѓани дека вакцините се безбедни. Процесот на вакцинација е апсолутно безбеден и тоа е вистинска инвестиција во здравјето на децата. Демантирам дека иглата при вакцинацијата била со капаче. Станува збор за адаптер што се надоврзува на шприцот. Поради тоа, на фотографијата не се гледа иглата на вакцината, изјавува Филипче во демантот.

Текстот што го рецензираме е еден од серијата написи, главно објавени на опозициски портали, во кои одговорот на министерот е изваден од контекст и од тоа е направена лажна вест. Во кампањата за зголемување на свеста за вакцинирањето, на која се појави и Филипче со внука си, како пропуст може да се нотира тоа што не беше јасно специфицирано која точно вакцина ја прими внуката на министерот, за да не дојде до ваква забуна, погрешно толкување на намерата и нејзина злоупотреба. Бидејќи целата фама во јавноста околу вакцините се однесува токму на споменатата вакцина МРП, граѓаните добија погрешен впечаток дека во кампањата министерот ја вакцинира внука си токму со оваа вакцина.

Оваа кампања на здравствените власти за зголемување на свеста за важноста и безбедноста на вакцинирањето следуваше откако беше прогласена епидемија од морбили. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има вкупно 24 пациенти со морбили. Сомнежот во исправноста на вакцините се зголеми дотолку повеќе откако Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) соопшти дека на вакциналните пунктови се најдени вакцини на кои на надворешното пакување од декларациите стои постар рок на траење, а во внатрешното и на самите вакцини рокот е до мај и јули годинава. Овие вакцини ќе бидат уништени.

Задоцнетите објаснувања на министерот Филипче во интервјуто за Радио „Слободна Европа“ се искористени да му се импутира како небаре ја искористил сопствената внука за да ја манипулира јавноста. Токму затоа, особено во ситуација кога постои можност некоја постапка да биде злоупотребена, каков што е овој случај, со оглед на постоењето на не така мало движење против вакцинација, треба навремено да се излезе со сите релевантни информации за на потенцијалните манипулатори да не им се остави простор за лажни толкувања, евтини напади или, накусо кажано, за правење лажни вести.