Во написот се направени две грешки. Прво, изјавата на премиерот е презентирана така што се добива впечаток дека тој рекол оти едвај чека да земе пасош со Северна Македонија, иако таква вооодушевеност тој воопшто не покажува во интервјуто. И вториот пропуст е тоа што не е прецизирано дека Заев говори за спортски федерации, а од напишаното во текстот може да се добие впечаток дека се разговарало со некакви политички федерации
Рецензираме пост на „Фејсбук“ со кој се презентира вест со наслов: „Заев: Едвај чекам да дојде понеделник, па уште рано сабајле да аплицирам за пасош со името Северна“. Во насловот се пренесува наводна изјава, односно директен цитат на премиерот Зоран Заев, а сето тоа се прави на неумесен начин со цел прибирање кликови.
Станува збор за интервју што премиерот Заев го даде за ТВ 21, каде што новинарот го прашува до каде е реализацијата на обврските што земјава ги има со Преспанскиот договор.
Целосниот одговор на Заев, според видеото од овој дел од интервјуто (00:28 – 03.20 мин.) гласи:
Од двете страни има многу работи реализирано досега, но, претстојат, исто така, работи кои треба да се реализираат. На 5 јули, понеделник, ќе почне издавањето на новите пасоши со новите документи, односно со името Република Северна Македонија. Јас ќе бидам првиот, во понеделник сабајле што ќе аплицира за да го земам првиот пасош. Тоа се подготвени документи, министерот за внатрешни работи ни ги презентира во вторникот на владата и од петок ќе почне реализацијата. Еве уште едно ново исполнување од наша страна на Преспанскиот договор. Почнавме разговори со федерациите и голем дел од спортските федерации го сменија името согласно Уставот зашто се репрезенти на Северна Македонија. Верувам дека тоа ќе го постигнеме и со Фудбалската федерација на Македонија зашто мора да го следат уставното име на државата, јасно утврдено во Преспанскиот договор. Нашиот народ треба да знае дека повеќе на кајроните не сме ФИРОМ, туку Северна Македонија со меѓународните кодови МК и МКД. Во едни такви околности само можам да кажам и грчката страна соодветно да продолжи како што е нашето очекување, да ги тргнат тие еден или два знаци ФИРОМ. Не е коректно да пишува Турција, Бугарија и ФИРОМ. И не е коректно да пишува Турција, Бугарија и Скопје. Треба да пишува Северна Македонија. Навистина треба да се тргне. Очекувам меморандумите во грчкиот Парламент да бидат побрзо усвоени. Се работи за меморандуми со кои грчката авијација го покрива и води грижа за нашето, македонско небо. Важна работа е и меморандумот за поддршка на Северна Македонија од Грција на нашиот пат кон унификација во ЕУ, односно нашата интеграција во ЕУ и договорот за економска соработка. Тоа се убави договори кои носат бенефити и за Грција и верувам дека грчкиот Парламент скоро ќе ги усвои.
Од овој одговор на премиерот евидентно е дека делот во насловот, каде се тврди дека тој „едвај чека“ да земе пасош со Северна Македонија не постои, односно тој такво нешто не изјавил. Одговорот, кој го дава на новинарското прашање, е во контекст на деловите од Преспанскиот договор што треба да се реализираат во иднина, меѓу кои и замената на личните документи.
Причината зошто тој тврди дека во понеделник ќе аплицира за пасош со променето име е затоа што оттогаш почнува имплементацијата на новите документи, а не зашто едвај чека да го направи тоа. Самата изјава за земањето пасош со ново име е во контекст на имплементација на Преспанскиот договор, а не во контекстот што е даден во насловот, дека премиерот едвај чека да го земе.
Дадената изјава не кореспондира со насловот, затоа што се додадени зборови коишто не постојат во неа. Оттука, како делумна дезинформација го оценуваме постот во кој се тврди дека премиерот Зоран Заев рекол дека „едвај чека да дојде понеделник уште рано сабајле да аплицира за пасош со Северна”.
Дополнително во текстот што го рецензираме, во една реченица недоволно јасно е кажано дека „е започнат разговор со федерациите”, без да се објасни за што, всушност, се работи.
Станува збор за спортските федерации, за кои Заев во интервјуто посочува дека се согласиле да го променат името од федерации на Република Македонија во федерации на Република Северна Македонија. Од напишаното во текстот останува непознато и не може да се разбере за какви федерации станува збор, па дури и може да се добие погрешен заклучок дека се разговарало, на пример, за некакви политички федерации.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.