Земањето брис од носот не може да ја пробие мозочната бариера

На „Фејсбук“ се појави статус и линкувано видео кои дезинформираат, тврдејќи дека тестирањето за ковид 19 е причина за појава на симптоми кај асимптоматичните лица. Ваквата дезинформација веќе неколку недели кружи на оваа социјална мрежа на разни јазици и веќе е разоткриена од партнерските сервиси за проверка на факти низ светот. Но, таа сега се појави и на македонски јазик и еве што се вели во оваа неточна содржина:

Со вметнување стапче за БРИС во носот намерата е да се пробие крвно-мозочната бариера на мозокот, за да може секој микроб да навлезе низ тие скршени крвни садови во организмот!!! Ова е причината зошто многу асимптоматични лица почнуваат да имаат симптоми по тестот. (Dott. Roberto Petrella)

Ова е краткиот текст ставен во најавата на овој пост, со линк до видео на „Јутјуб“ во кое се појаснува напишаното. Линкот од „Јутјуб“ е, всушност, подолга изјава од споменатиот италијански доктор, кој е специјалист по гинекологија и акушерство и кој е познат по изјави дека многу официјални тврдења за корона-вирусот и за ковид 19 биле лага.

Постот, во моментот на оценката, има околу 200 споделувања и околу 70 коментари. Иако се чини нелогично, тврдењето во постот го проверивме со неколку лекари, кои ни појасниja дека таквото тврдење е лага, односно дека практично е невозможно со мек предмет да се случи такво оштетување, дури и ако се насочи предметот (стапчето за земање брис) во погрешна насока.

Доктор Александар Стојанов, в.д. директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, изјави дека станува збор за глупост која може да биде опасна.

Земањето брис од нос нема апсолутно никаква врска со какво БИЛО пробивање на мозочната бариера кај човекот. Јавноста да не слуша и чита секакви тврдења, кои не се на ниеден начин научно и медицински поткрепени. Очигледно, оној што го тврди ова, сака да ги доведе луѓето во заблуда и очигледно нема основни познавања од анатомија. На крајот ќе излезе дека мозокот преку носот им го вадиме на пациентите. Брис се зема од нос и од грло и нема тука никакво оштетување на ништо. (…) Луѓето како да се порасположени да читаат сѐ друго, само не медицинска наука. Немојте да верувате во сѐ што некој кажува и бидете внимателни, ве молам – порачува епидемиологот Стојанов.

„Вистиномер“ контактира и со други специјалисти по микробиологија, неврохирургија и оториноларингологија, кои, иако не зборуваа официјално, дел од нив беа децедни дека такво нешто е апсолутно невозможно.

Ваква невистина не е новост во светот, иако прв пат се појавува на профили на социјалните мрежи во земјава. Слична варијанта веќе е разобличена од Би-би-си, од „Ју-ес-еј тудеј“, од агенцијата Асошијејтед прес и од други медиуми, кои се наведени како поврзани објаснувачки текстови на оваа тема, зашто еден фејсбук-статус од 6 јули, прегледан од милиони корисници, е лажно тврдење.

Лекарите во дел од овие проверки на факти, вклучувајќи го и овој на „Вистиномер“, тврдат дека при земањето брис стапчето во носот оди во пределот каде се спојуваат носот и грлото, т.е. во назофаринксот и дека главната тешкотија е единствено неудобноста на пациентот.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.