Жителите на Коњаре не биле уапсени, туку повикани на информативен разговор

Улогата на некои интернет-медиуми завршува само со правење ПР за поединци или претставници на одредена политичка партија. Не водат сметка за тоа што им го сервираат на своите читатели и наместо информативни текстови, им нудат празни написи со кои се обидуваат да им го „исперат мозокот“. Таквите текстови често се нејасни и читателот по неколку минути едноставно останува збунет, бидејќи не ги добил информациите што се „ветуваат“ во насловот.

Линк до оригиналниот напис:ЕКСКЛУЗИВНО / Хоџа му се јавува на Спасовски, ја гарантира слободата на жителите на Коњаре

Датум на објавување: 13.3.2021

Датум на рецензија: 19.3.2021

Рецензент: Ајнур Бафќари

Единствената цел на текстот што го рецензираме е да рекламира министер на одредена партија, за да собере политички поени за наведениот министер, и тоа преку дезинформација. Написот зборува за апсењето на неколку жители на Коњаре, но тие не биле уапсени, туку само повикани во полициска станица на информативен разговор.

Притоа „веста“ се претставува помпезно, со ставање на зборот „ексклузивно“ во насловот, иако всушност написот не нуди никаков ексклузивитет.

Според официјални извори, министерот за МЗШВ од редовите на Движењето БЕСА, Арјанит Хоџа, телефонски разговарал со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за веста за апсењето на жителите на Коњарe. Хоџа известува дека добил гаранција од Спасовски дека жителите не се уапсени, туку само испрашувани поради претходно ненајавената блокада на автопатот Скопје-Штип. Хоџа разговараше и со жителите на Коњаре и ги увери дека никој нема да ја помине ноќта во полициската станица, туку ќе се вратат во своите домови – се вели во текстот.

Едностраност, дезинформација, „рекламирање“

Иако во текстот во неколку редови се објаснува дека жителите не се уапсени, сепак се продолжува со рекламата дека наводно Хоџа ги уверил жителите дека никој нема да ја помине ноќта во полициската станица и оти тие ќе се вратат во своите домови. Текстот не е целосен, создава нејаснотии, вели дека жителите го блокирале автопатот, но не објаснува зошто. Ниту, пак, е побаран став од жителите, а во овој настан, само ноќта која се споменува во текстот, беа вклучени 13 од вкупно 74 жители кои добиле покана за распит.

Не се распрашал дали го пријавиле својот протест или не. Во изјава за други медиуми, жителите појаснија дека полицијата е известена за протестот. Значи, целта на текстот е јасна, да направи ПР, а не да информира. Ова не е единствениот пример, написи со  ваква содржина се објавени и на други веб-страници, што може да се види со пребарување на „Гугл“ врз основа на насловот.

Концептот за манипулација: Повикување на авторитет

Овој начин на манипулирање е тенденција да се припише автентичност на изјавата како да е кажана од некој авторитет. Во овој случај, авторот се повикува на „официјалните податоци“ на полицијата, со што сака да ја претстави „информацијата“ што е можно повеќе веродостојна.

Помпезноста честопати не нуди ништо!

Ако наидете на вакви наслови, земете ги со резерва, бидејќи таквите наслови служат како мамка и нивната главна цел е да го привлечат што е можно повеќе вниманието на читателите. Но, откако ќе се случи тоа, читателите наидуваат на разочарување, бидејќи „екслузивноста во насловот“ и содржината на текстот честопати немаат ништо заедничко. Не арчете време за такви написи!