Ексклузивни шпекулации за манипулирање на јавноста

 

(Рецензија: (ЕКСКЛУЗИВНО ФОТО) Шилегов плочките од градот си ги ставил во вилата на Маврово?)

 

Текстот изнесува сериозни обвинувања, а притоа за доказ не нуди ништо. Иако во насловот стои прашалник, сепак во текстот никаде не е потенцирано дека станува збор за непотврдени информации.

Порталот, под превезот „Ексклузивно фото“ тврди дека одредена викендичка во Маврово е во сопственост на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Фразата „Ексклузивно фото“ во насловот служи само за собирање кликови, а не и за потврда на тоа што го нуди текстот.

Линк до текстот: (ЕКСКЛУЗИВНО ФОТО) Шилегов плочките од градот си ги ставил во вилата на Маврово?

Датум на објавување: 19.09.2018

Датум на рецензирање: 24.09.2018

Рецензент: Симона Атанасова

Освен оваа една непроверена информација, текстот е збогатен и со шпекулација дека гранитната коцка која се реди на викендичката е истата која била извадена, ни помалку-ни повеќе, од плоштадот и улицата Македонија и дека Шилегов си ја зел од депоата на Град Скопје.

Во склоп на написот има неколку фотографии кои би требало да го потврдат напишаното, но ништо од тоа. На фотографиите навистина се гледа викендичка, и навистина се гледаат коцки. И толку. Нема никакви докази дека викендичката е во сопственост на Шилегов, според сликите таа може да му припаѓа на било кого. Во текстот пишува дека е луксузна вила но и за тоа нема видлива потврда, туку е само нафрлено како точен податок кој читателот треба да го прифати. Ниту, пак, има доказ дека се наоѓа во Маврово.

А, уште помалку има доказ или било каква потврда дека гранитната коцка е буквално истата онаа која порано била на улица Македонија и на централниот градски плоштад. За ова обвинување, јавноста е оставена да верува на фразата „според информациите кои дојдоа до нас“. Изостанува податокот како информациите дошле до медиумот, кој е изворот, каде е потврдата за тоа. Не значи дека секоја информација која пристигнува до медиумите по автоматизам е точна. Работа на новинарот е да ја провери и да ја објави само доколку со докази се увери дека е точна.

За ова веднаш стигна демант од Шилегов, кој рече дека се работи за лажни написи и дека објектот нема гранитни плочки.

Информацијата што ја шири тој портал е обична лага, класична дезинформација со цел да се дефокусира јавноста од процесите на европеизација на Македонија, бидејќи јас сум еден од фронтмените на СДСМ и сметам дека таквите напади не се ништо друго туку обид да се изедначиме сите во политиката.

Згора на сè, во написот има коментаторски и на моменти иронични забелешки, чие место не е во информативен текст, а особено не во текст кој „глуми“ истражувачко новинарство.

На Шилегов очигледно му недостасува старо Скопје, но наместо да го гради Скопје тој гради во Маврово, во дворот на неговата луксузна викендица.

Низ целиот текст преовладува епитетот „ексклузивно“, а всушност треба да преовладува „непроверено“. Написот манипулира, наведува читателот да донесе погрешни заклучоци и обвинува без докази, а со цел нарушување на углед.