Џезаир Шаќири-Хоџа една година не е советник на премиерот

[Рецензија: Советникот на Заев: Горд сум на јунаците од „Диво Насеље“ кои убија 8 и повредија 37 македонски полицајци]

Станува збор за грубо пласирање неточна информација, која се потенцира уште во насловот, а се споменува и неколкупати во содржинскиот дел на текстот – дека Џезаир Шаќири–Хоџа е советник на премиерот Зоран Заев. Но, Шаќири повеќе од една година не е советник на премиерот. Текстот, инаку, така како што е скроен, сака да создаде впечаток дека некој што добива плата од државниот буџет отворено е против македонските безбедносни сили.

Линк до оригиналниот напис: Советникот на Заев: Горд сум на јунаците од „Диво Насеље“ кои убија 8 и повредија 37 македонски полицајци

Датум и време на објавување: 12.5.2019

Датум на рецензирање: 13.5.2019

Рецензент: Сашо Спасоски

 

Написот го претставува Џезаир Шаќири, познат како Командант Хоџа од оружениот конфликт во 2001 година, како актуелен советник на премиерот, што е неточна информација.

Фактички кога ќе се прочита првата реченица од текстот: „Именувањето на Џезаир Шаќири, алијас Командант Хоџа, за советник за безбедност на премиерот Зоран Заев, не престанува да ја бранува јавноста“, се добива впечаток како тоа да се случува сега во актуелниот момент.

Иако,  ангажмантот на Шаќири да го советува претседателот на Владата за безбедносни прашања (со договор за една година) беше во мај минатата година (2018), а неколку дена подоцна (11 мај 2018), премиерот Заев соопшти дека Шаќири го информирал оти ќе се повлече од позицијата поради реакциите во јавноста.

Така што тој што го пишувал текстот  требало да ја провери информацијата пред да ја пласира, особено што овие настани се случуваа пред една година.

Пишувајќи ја оваа рецензија, ние уште еднаш проверивме дали Џезаир Шаќири, можеби, сè уште фигурира како советник на премиерот. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски ни го даде познатиот одговор дека Шаќири си дал оставка пред една година.

Проверката на фактите, дури и кога новинарот мисли дека идеално ги познава, е дел од основните начела на професионалното и одговорно новинарство. А на тоа обврзува и Кодексот на новинарите, кој овој стандард за етички исправно новинарство го истакнува на првото место, во членот 1:

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Инаку, во идентична форма овој текст се појави и на друга веб-страница  („Инфомакс“) , кој исто како  и „Република“ како извор го посочува порталот „Јавно“. Сепак, како медиумски портал со подолг историјат, одговорноста на „Република“ за ширењето невистини е секако поголема отколку таа на споменатиот извор.