Во рамките на првата грантова шема на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Кри Тинк“ денеска беше одржан настан на кој беа презентирани проектите што биле работени во периодот од октомври 2018 до март 2019 година.
Станува збор за спроведени шест проекти во шест плански региони од страна на граѓански организации кои беа во партнерство со медиуми.
Во рамките на реализираните активности биле продуцирани 45 мултимедијални содржини, 39 графички материјали, биле одржани 28 обуки и работилници, 12 јавни настани, биле изработени две студии и анализи.
На одржаните работилници биле обучени 405 лица, а обуките биле одржани во осум различни града. На јавните настани имало вкупно 1099 присутни, 904 средношколци, 92 државни и локални институции, 51 медиумск работник и 38 претставници од граѓанскиот сектор.
Проектите главно биле насочени кон поттикнување критичко размислување кај младите и нивно медиумско описменување, за што средношколците покажале особен интерес, како и вметнување на темата на поинтересен начин во нивната образовна програма.
Назим Рашиди го претстави проектот „Критичко размислување за активни граѓани“, кој го спровеле „Диверзити медија“ и телевизија „Алсат-М“.
„Целта на проектот беше да се стимулира критичкото размислување кај младите. Одржавме обуки за медиумска писменост кај средношколци од Охрид, Струга, Кичево, како и обуки за млади новинари. Обуките беа за подлабока медиумска писменост, лажни вести, говор на омраза. Од обуките произлегоа видеа и интервјуа, кои добро поминаа во емисиите на „Аласат-М“, рече Рашиди и додаде дека кај локалните медиуми има проблеми бидејќи нема контрола на големиот број налажни вести што произлегуваат од таму.
Убавка Јаневска од ГО „Фокус“ од Велес, имплементатор на проектот „Читај меѓу редови“, го оцени проектот како успешен помеѓу средношколците од Велес и Кавадарци, бидејќи средношколците што ја поминале обуката правеле едукација на учениците од основните училишта. Директорите на двете средни училишта што учествувале во проектот, посакале темата за медиумска писменост да се издигне на повисоко ниво, за подобро запознавање на учениците со неа.
Новинарите од локалните медиуми што дале поддршка за проектот и самите изјавиле дека и ним им се потребни обуки за препознавање лажни вести, бидејќи не се доволно едуцирани на темата.
Настанот заврши со дискусија на која се акцентираа зачетоците за натамошната работа во сферата на медиумската писменост, односно продолжение на работата преку вмрежување на средните училишта, кои ќе продолжат со активности во сферата, а самите медиуми ќе продолжат со продукција на содржини за медиумска писменост. За овие нови иницијативи беше речено дека ќе се спроведуваат во текот на наредните 6 месеци од 2019 година. Се дискутираше и за потребата од зајакнување на наставните содржини за медиумската писменост во средношколските установи. За оваа тема беше најавена средбата што „Евротинк“ ја организира со релевантни претставници од секторот образование во земјата закажана на 22 мај, на која ќе бидат презентирани резултатите и препораките од истражувањето за потребата од медиумската писменост во образовниот процес.