Како растот на БДП во четвртиот квартал лани стана фантастични 23,7 проценти

Фото: Принтскрин „Тајм“

 

Загрижувачко при овој феномен, особено кога се работи за медиумски содржини, е што се дезинформира јавноста. Имајќи предвид дека најголем дел од читателите ги читаат само насловите, без да ги отвораат текстовите, штетата од погрешната информација е дотолку поголема

 

Пишува: Силвана Жежова

 

На агрегаторот за вести „Тајм“, на 9 март се појавија вкупно девет наслови на вести објавени на девет различни медиуми (информативни портали), кои во самиот наслов објавија погрешна бројка за растот на македонската економија од 23,7 проценти, наместо 3,7 проценти, колку што изнесуваше растот на домашниот бруто-производ (БДП) на Северна Македонија во четвртиот квартал од 2018 година. БДП е, инаку, најшироко прифатен индикатор за мерење на тоа во кој правец се движи една национална економија – дали оди нагоре или надолу и колкав е тој пад или раст во проценти споредено со претходната година или со истиот квартал од претходната година, ако мерењето е тримесечно. Друг агрегатор, пак, „Грид“ агрегираше вести од 12 портали, кои ја имаат направено оваа грешка (види скриншот лево).

Некој од овие портали по грешка пред тројката ставил двојка и при препишување и другите во насловите напишале дека растот на економијата е 23,7 проценти, што, доколку би било точно, би претставувало светски рекорд. Станува збор за копи-пејст вест без да се размислува за она што се објавува и им се пласира на читателите.

Од објавените содржини може да се забележи дека не само насловите, туку и содржината на текстовите е речиси идентична. Интересно е што во овие девет погрешни наслови на вести, објавени во саботата, на 9 март, сè уште не е поправена грешката. Инаку, во сите тие написи, внатре во текстот, растот на економијата е напишан во точен износ – 3,7 проценти.

Поводот за објавата на овие текстови беше прес-конференцијата на економскиот тим на Владата, која се одржа во петокот, на 8 март, а беше посветена на растот на БДП во четвртиот квартал од 2018 година, според последните објавени податоци на Државниот завод за статистика.

Растот на БДП во четвртиот квартал на 2018 година изнесува 3,7%, додека невработеноста ја проби психолошката граница од 20%, односно падна на 19,4%, што претставува намалување од 3,6% за само една година, односно креирани се 26.600 работни места во текот на изминатата година. Растот на БДП се базира на раст на градежништвото, кое е вратено во нормала, со раст од 19,6% во четвртиот квартал, растот на финалната потрошувачка, како и извозот на стоки и услуги. Индустрискиот раст во јануари 2019 година бележи раст од над 12%, што ни дава за право да кажеме дека економијата на Република Северна Македонија има светла иднина и оти создаваме силна економија, шанса за сите граѓани, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по тој повод.

Ист, погрешен наслов во повеќе различни медиуми произлегува од т.н. „феномен на стадо“, при што сите припадници на групата го следат истиот пример или она што го направил еден од припадниците на таа група без многу размислување. И, во таква ситуација кога еден ќе згреши, сите други по него ја прават истата грешка. Сепак, ако се отвори скриншотот од агрегаторот „Грид“, ќе се забележи дека многу повеќе медиуми не ја направиле оваа грешка, иако и бројката од 12 медиуми, кои ја објавија погрешната бројка, не е за занемарување.

Загрижувачко при овој феномен, особено кога се работи за медиумски содржини, е што се дезинформира јавноста. Имајќи предвид дека најголем дел од читателите ги читаат само насловите, без да ги отвораат текстовите, штетата од погрешната информација е дотолку поголема. Следен загрижувачки момент е што во редакциите на порталите нема новинари чија специјалност е економијата. Имено, професионален новинар, кој ја следи економијата и редовно работи на економски теми, никогаш не би направил ваква грешка. Раст од 23,7 отсто во еден квартал, споредено со истиот квартал претходната година речиси и да не може да се оствари во редовни мирнодопски услови. Тоа би значело  дека економијата за една година се зголемила за речиси една четвртина. За такво нешто да се случи, потребно е некакво тектонско поместување во државата или националната економија – на пример, завршување на војна и сеопшта економска обнова или примена на нови револуционерни технологии, кои драматично би ја зголемиле продуктивноста. Како што знаеме, изминатата година во земјава ништо слично на ова не се случи.

Ваквите грешки во наслови говорат и за голема непрофесионалност на медиумите, бидејќи на овој начин со остава впечаток дека тие текстови не поминале ниту на редактура ниту на лектура. А, никој не ја забележал грешката ниту откако написот бил објавен.