Правила на игра помеѓу новинарот и изворот

 

Во новинарски текст изворот на новинарот е еден од најважните фактори за точноста на информацијата, релевантноста и веродостојноста на тврдењата што се изнесуваат. Изворите може да бидат официјални и неофицијални, а вторите не мора да ѝ бидат откриени на јавноста, иако на новинарот и на редакцијата ѝ се познати. Најчесто, професионалните редакции и новинари поседуваат докази со кои се поткрепуваат тврдењата изнесени од неофицијалните извори.

 

Пишува: Силвана Жежова

 

ЗАШТИТА НА ИЗВОРОТ

Новинарот има право да го заштити својот извор со неоткривање доколку тој тоа го побарал од него. Тоа е регулирано и во Кодексот на новинарите на Македонија каде што во членот 4 стои:

Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити.

Повикувајќи се на овој член, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), неодамна остро реагира на неодамнешните барања на ВМРО-ДПМНЕ, државната агенција МИА да ги открие своите извори во однос на текстот дека Европската народна партија (ЕПП) сака да ги исклучи од своите редови.

Едно од основните права, а понекогаш дури и обврска на новинарот е да го заштити својот извор.

Македонија е потписник на сите релевантни резолуции на Советот на Европа за заштита на извори во рамките на слободата на медиумите. Улогата на политичките партии во една демократија во ниеден случај не смее да значи нивно мешање во работата на новинарите, а ваквите барања подразбираат отворен притисок и обиди за јавно дискредитирање на медиумот, реагираа од СЕММ во однос на барањето на политичката партија за откривање на изворот од страна на новинарот, за кој редакцијата се изјасни дека поседува снимени изјави.

Правото на заштита на изворот на информациите во средствата за јавно информирање е загарантирано и со Уставот, во членот 16, став 6.

На новинарите со самиот Устав им се гарантира правото да ги штитат своите извори, со што се овозможува слободна размена на информации меѓу граѓанинот и новинарот. Ова е од особено значење, бидејќи без таквата заштита, изворите може да бидат одвратени од помагањето на печатот при информирањето на јавноста за работи од јавен интерес, пишува адвокатот Александар Георгиев во својот текст „Законска рамка на правото на заштита на изворот на инфомација“.

Европската конвенција за заштита на човековите права во Член 10 за Слободата на изразувањето вели дека:

Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Но, во истиот, член 10, не се дава апсолутно право за неоткривање на изворот, односно наведени се условите кога тоа право може да се ограничи.

Остварувањето на овие слободи, што вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

 

АНОНИМНОСТ, ИЗВОРИ И КРЕДИБИЛИТЕТ

Обврска на новинарот е да го опише изворот што е можно поблиску, ако веќе не може да го именува, бидејќи на тој начин текстот или сторијата добива кредибилитет, иако не е кажан изворот.

Во меѓународно прифатениот Кодекс на новинарите се вели:

Новинарот треба секогаш, кога е тоа можно, да ги наведе своите извори. Јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци за кредибилитетот на изворите што се користени. Пред да му вети анонимност на својот извор, треба да открие кои се мотивите на изворот за тоа. Разјаснете точно под кои услови ветувате анонимност во замена за информации.

Ваков пример е реткиот преседан за најголемите американски весници, кога „Њујорк тајмс“, на 5 септември објави анонимна колумна од висок функционер во администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, во која тој тврди дека заедно со многумина други потајно работи за да спречи многу штетни политики на Трамп. За авторот, „Њујорк тајмс“ тврдеше дека му го знае идентитетот, но не го откри.

Во медиумите има и многубројни примери во кои се користат наводни анонимни извори и каде се злоупотребува правото на заштита на изворот. (Без факти, неофицијалните извори се камуфлирани гласишта)

Она што, исто така, мора да се знае е дека самиот новинар не може да биде изворот.

Освен кога редакцијата одлучува и организирано известува за настанот од самото место и во текот на неговото траење. Преноси во живo, вклучувања од местото на настанот… Дури и тогаш, многу поуверливо и поголема веродостојност се постигнува кога за некои специфични фази и поенти од тие преноси и живи вклучувања се ангажира соговорник, како извор со стручност за одредена област, со искуство од слични ситуации или овластени извори, кои во името на некоја институција толкуваат одредени собитија од настанот.

Во „Водичот за новинарство“ на реномираната британска информативна агенција „Ројтерс“, во делот за изворите, стои дека новинарите треба да градат и да развиваат контакти со изворите, уверувајќи ги дека ќе добијат фер третман, но истовремено новинарите треба да бидат внимателни врската со изворот да не ја премине границата на пристоен и професионален однос. Во спротивно, ќе се наруши перцепцијата за непристрасност.