Што е тоа коментар? Во последно време, на некои од македонските веб-страници може да се сретнат многу написи што се пласираат како вест, а, всушност, се коментаторски, кои најчесто се непотпишани.
Пишува: Ана Анастасовска
Границата меѓу веста и коментарот сè повеќе почнува да се губи, особено кога станува збор за написи објавувани на некои портали, кои со цел да одбранат некоја политичка партија или личност, наместо вест, на читателите им нудат коментар, односно сопствено видување на ситуацијата. Но, таквите коментаторски написи не се потпишуваат и тие не се ниту вест ниту коментар, туку се чиста пропаганда.
КОМЕНТАРОТ ЗА РАЗЛИКА ОД ВЕСТА Е ПОСЛОЖЕНА НОВИНАРСКА ФОРМА
Во теоријата на новинарството, новинарските жанрови се делат на: фактографски, аналитички и белетристички. Коментарот спаѓа во групата аналитички новинарски жанрови. Коментарот, за разлика од веста, е посложена новинарска форма и бара освен упатеност во случувањата, и подобро познавање на општествените феномени кои ги предизвикале. Коментарот е новинарски жанр, во кој новинарите се задолжени да го изнесат својот став или ставот на медиумската куќа во која работат за некој општествен феномен или случување.
Постојат два вида коментари:
Воведник или редакциски коментар е текст понекогаш потпишан со името на авторот, но често и непотпишан, кој го одразува индивидуалното гледиште на некој уредник или мислењето на група уредници за некое општествено случување (На пример, весникот „Слободен печат“ има „Слободен удар“ или сега веќе згаснатиот весник „Време“ имаше „Поента“).
Колумна или авторски коментар е текст во кој авторот е јасно идентификуван и кој авторот редовно го објавува под истиот наднаслов. На пример, таков авторски коментар е „Рафал“ на Џабир Дерала од „Цивил“.
Кај колумната или авторскиот коментар доминира личниот став
Кај колумните доминира личниот став, личното гледање на појавите или случувањата. Секој колумнист гради свој стил по кој ќе биде препознатлив. Колумната на некој автор има и непроменливи елементи, како што се објавување во одреден ден, постојан наднаслов, име и фотографија од авторот, постојано место во весникот. Колумната се објавува интегрално, без уреднички интервенции.
Коментарот се пишува откако ќе биде објавена веста
Коментарот се пишува откако нешто се случило. Предвидувањата дека нешто ќе се случи не се најдобра основа за коментар во медиумите. Веста мора да биде значајна за да се коментира. По правило, потребно е веста прво да се објави во целина, па дури потоа да се коментира.
Неопходно е новинарот што пишува коментар за некоја вест да биде објективен. Иако коментарот е одраз на личниот став, не значи дека не треба да биде објективна слика на случувањата. Вообичаено е коментарот во весниците да биде реалтивно краток, до 84 реда, а во електронските медиуми до 2 минути.
Видови коментари
Разликуваме полемички, аналитички и хумористичен коментар.
Полемичкиот коментар во изнесувањето на главата зазема спротивен став и го брани со аргументација до крај, а во заклучокот целосно ја оспорува тезата од главата.
Аналитичкиот коментатор ја разложува на сегменти тезата што е изразена во главата и ги наведува аргументите за и против, го осветлува проблемот од неколку страни, бара причини, наведува последици.
Хумористичниот коментар, по целосното сериозно поставување на главата, иронично и хумористично се осврнува на тезата и се докажува сè спротивно до апсурд. Во овој тип коментар најважно е да се одреди границата на добриот вкус.