Многу невистини и произволности за преносот на финалето во ракомет

 

[Рецензија: Бендевска од СДСМ: Срамно е што финалето од ЛШ во ракомет нема да се пренесува преку МРТ]

Повикувајќи се на пост на профилот на експратеничката Весна Бендевска, направен е обвинувачки текст против МРТ поради фaктот што финалето во Лигата на шампионите во ракомет не е пренесувано на националниот сервис.

Линк до оригиналниот напис:

Датум на објавување:  2 јуни 2019

Датум на рецензија: 6 јуни 2019

Рецензент: Љубомир Костовски

Веројатно вистинската мамка во текстот во однос на публиката е само тоа што се работи за некогашна функционерка на СДСМ, независно што таа си дозволува да даде простор за размислување кое е полно со произволности и невистини.

Па нели е бре срамно што утре финалето на ЛШ во ракомет нема да се пренесува преку јавниот сервис – МРТВ? Кога ’дојде животот’ за сите, прво бевме ‘ослободени’ од 190 денари за РДТ. Каков ’успех’! По некое време бевме принудени на приватниците да им плаќаме по 100-150 денари повеќе за тв и интернет-услуги!!! „Ни ќар – ни зијан!“ – за нас, ама и тоа како ЌАР за приватниците како Роби-Телекабел! Наместо во државно, во приватно ќесе да придонесуваме! И сега – немаме можност преку ТВ да гледаме врвен ракомет каде учествува нашиот државен првак?! Па, дали е ова нормално, бре??!“ – вака гласи тој пост на Бендевска.

Најпрвин, ослободувањето од плаќањето радиодифузна такса се однесува за сите, без оглед дали некои од ослободените воопшто имаат телевизор, имаат стари, црно-бели приемници и можат да примаат само аналоген сигнал и никогаш не чуле што е тоа кабелска телевизија или, пак, се работи за најскапи приемници големи колку ѕидот во дневната! Тука не може да се примени она „ни ќар ни зијан“, а згора не може да се искорсти (посочува) името на само еден провајдер на кабелски сигнал, бидејќи конкуренцијата е голема, цените и условите се шаренолики, а секаде, без оглед на изборот, се примаат повеќе од стотина програми во домот, што секако не може да се пренебрегне како добиена услуга. Вака, како што е нагласено името, се сугерира дека споменатиот провајдер е од нечиј посебен (политички) интерес. Тоа е манипулативно тврдење, како и тоа дека имало поскапување на услугите на кабелската.

На Бендевска, секако, треба да ѝ е јасно, како и на оној што ја пренесува информацијата која нема никаква вредност за јавниот интерес, освен политиканство, дека деловните потези на МРТ ги кројат старите кадри, поставени таму од пред деценија, кои не можат да се сменат поради фактот што во Собранието се блокира носењето на Законот за медиумите преку умножувани амандмани на предложениот текст. И тоа се случува од доаѓањето на власт на новата коалиција, без оглед на товарот на скандали во јавниот сектор од секаква природа. На ист начин во бесконечност се продолжува мандатот на членовите на ААВМУ, односно се сопираат реформите во секторот на информирањето и медиумите.

Исто така, познати се проблемите за преносите на атрактивните спортови во Македонија меѓу нашите телевизии со национален предзнак и „Т-хоум,“ како корисник на екслузивните права во европскиот фудбал (Лига на шампионите) и во некои сегменти на ракометот. За тоа се води спор, кој во прв степен е добиен од здружението на телевизии, а во втор (Управен суд) се  одолговлекува.  Проблемот е во оценката за – монополизација, за што се обвинува „Т-хоум“.  МРТ до сезоната 2017/2018 ги имала правата за пренос од мечевите во Лигата на шампионите за ракомет, но не ги продолжила бидејќи било барано од носителот на правата во тој домен (ЕХО медија) да се потпише нов договор само ако се плати за три сезони однапред. Дотогашните права истекле на крајот на 2018 година, купени претходно. Цената била ексклузивна, а  настапот на македонските клубови не бил извесен, особено не за три години однапред. Женскиот ракомет веќе бил издишан, а иднината на „Металург“ и „Вардар“ не била извесна (таква е и денес). Под кои услови „Т-хоум“ влегол во дилот (преку програмата на каналите „Арена“) сигурно не е познато. Секако дека се тоа пазарни преговори, во нив може да влезат и други пакети (ако веќе се земени правата за фудбал, за ракометот ќе добиеш попуст, на пример), но никој не ја испушта ексклузивата од раце. Без да се знаат деталите не може да се говори за глобалната слика. Особено не „пазарџиски“.

Кога сето тоа ќе се собере, може да се приближиме до вистинската слика зошто немало пренос. Причини за нервоза постојат, ама емотивната објава на Бендевска, а со пренесувањето на нејзиниот пост и текстот што го рецензираме, прави замена на тези и форсирање на невистинитите факти.