И суеверието дел од репертоарот на ширење нетрпеливост кон Заев 

[Рецензија: ГУБИТНИЦИ: Изгубија сите што му стискаа рака на Заев, а најмногу Ципрас, кој направи селфи]

Непосредно по завршетокот на изборите за Европскиот парламент, во земјите членки на Унијата, а непосредно пред објавувањето на Препораката за безусловно почнување на преговори за прием на Северна Македонија во ЕУ, порталот „Денешен“ објави текст кој тешко може да се определи во која категорија спаѓа. Не е ниту вест ниту коментар, малку личи на козерија, но не е ниту тоа, бидејќи пледира на сериозност со содржината.

Линк до оригиналниот напис: ГУБИТНИЦИ: Изгубија сите што му стискаа рака на Заев, а најмногу Ципрас, кој направи селфи

Датум на објавување: 28 мај 2019

Датум на анализа: 30 мај 2019

Рецензент: Љубомир Костовски

Јасно е од приложеното дека најмалку содржината што стои под насловот може да се смета за сериозна по начинот на кој манипулира со фактите. Намерата на непотпишаниот автор е да напомене дека сите големи политичари што дојдоа во земјава и се ракуваа со премиерот Заев, а навистина ги имаше во импозантен број, потоа ги биел „баксуз“ во политичката кариера, најголем дел од нив со намален рејтинг меѓу гласачите при последните избори за европарламентарци!

Сите познати политичари од Европа што минатата година цврсто му стискаа рака на премиерот Зоран Заев, како поттик да го смени името на Република Македонија, денес се губитници. Некои повеќе, некои помалку“.

Во тој контекст се даваат различни примери – Тереза Меј поднела оставка (да потсетиме – оставката е поради моделот на изведување на брегзитот), па Макрон загубил на евроизборите, за Меркел се вели дека по завршување на мандатот ќе оди во политичка пензија, па се споменуваат некои (неименувани) американски функционери, кои се сменети, а се вели дека паднала и Владата на австрискиот канцелар Курц. Ама за крај на текстот се остава грчкиот премиер Ципрас, чие наводно фијаско (распишување на предвремени избори) се должи и на стискањето рака со Заев, ама и на заедничкото селфи!

И тука завршува редењето врвни имиња на странски политичари. Другите или не биле во земјава или, пак, „се истрошиле“? Бидејќи, според написот, допирот на раката на Заев очевидно е некаква „фатва“ или клетва, која руши сечија кариера, колку и да е „оштетениот“ моќен. А да речеме, иако се ракувале со експремиерот Груевски, (тука може од списокот да се спомене Курц, можеби и Меркел), немале проблеми во опстанокот во политичките води и треба да сфатиме, фигуративно, „затоа сите си биле раат“!

Во анимозитетот кон Заев, особено додека неговата надворешна политика оди во нагорна линија, се користат најприземните средства, без да се внимава на елементарната логика во составувањето новинарски текстови, па дури пред очите на читателот се става и призмата на суеверието. Ова, секако, е пример на комплетно губење критериуми во нашето новинарство.