Непотребно и непотврдено ширење паника на изборниот ден

[Рецензија: Укpaдeн Единствениот избирачки список, се продава на руски xaкepcки сајт]

 

Тврдењата во насловот на текстот што го рецензираме дека, наводно, е украден Единствениот избирачки список и тој се продава на руски сајт, се пресериозни и скандалозни за да бидат изнесени без ниту еден доказ и проверка во релевантни институции. Фотографија, која патем може да биде фотомонтажа и скриеното име на веб-страницата, не може да бидат докази за изнесените тврдења.

Линк до оригиналниот напис: Укpaдeн единствениот избирачки список, се продава на руски xaкepcки сајт

Датум и време на објавување: 21.4.2019

Датум на рецензирање: 23.4.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Дата-база со преку еден милион имиња, адреси и останати податоци за гласачите се продава на интернет, а истата се рекламира на руски сајт за xaкepски „услуги“ дознава Инфомакс. Според информациите објавени на форумот, yкpaдeна е целата база на податоци на гласачи запишани во единствениот избирачки список.

Кражбата на податоци на гласачи запишани во Единствениот избирачки список би билa голем скандал, но кога е недокажана, останува во сферата на шпекулациите и непотребно ширење дезинформации за време на првиот круг на претседателските избори. Текстот што го рецензираме беше објавен на 21 април, односно на денот на гласањето. Вакви сериозни тврдења задолжително треба да се проверат во Државната изборна комисија и МВР, но во текстот нема ниту една изјава оттаму.

Техничките проблеми на веб-страницата на ДИК не можат да се поврзат со тврдењата во текстот, бидејќи се случуваа десетина дена пред да се одржи првиот круг на претседателските избори, односно пред 12 април.

Имавме одредени технички проблеми. Се работи за виша сила и ги надминавме тие проблеми, сега веб-страницатана ДИК работи, изјави на 12 април претседателот на ДИК, Оливер Дерковски.

Веб-страницата на ДИК на денот на изборите работеше без проблеми и на неа по 19 часот редовно се објавуваа резултатите од гласањето. Граѓаните и медиумите имаа можност во живо да го следат броењето на гласовите.

Освен тоа, техничките проблеми на веб-страницата  не може да бидат доказ дека се украле податоци од избирачкиот список, a доказ не може да биде ниту тврдењето во текстот за наводната апликација „Големото око“, со која наводно се прибирале и нeзaкoнcки складирале лични податоци на граѓани и гласачи.

Сè уште не е потврдено постоењето на оваа апликација и за неа од Изборниот штаб на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа МВР и Јавното обвинителство да го истражат случајот.

Откако за оваа проблематика разговаравме во Државната изборна комисија, денеска во Јавното обвинителство разговарав со претставници на Комисијата што врши мониторинг на евентуални изборни нерегуларности. Оттаму ни беше кажано дека случајот е веќе доставен до скопското Јавно обвинителство каде што е назначен обвинител кој треба да го истражува овој случај, изјави Горан Момироски,  портпаролот на изборниот штаб  на кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Рускиот хакерски форум на кој се повикува текстот останува непознат за јавноста, а, исто така, не се знае ниту неговата релевантност. Форумите главно се платформи на кои се разменуваат ставови, тврдења, мислења и не се сметаат за релевантен извор на информации, освен како појдовна точка за понатамошни истражувања за некои добиени информации.

Инаку, техничките проблеми на веб-страницата на ДИК се спомнати и во Извештајот на ОБСЕ за првиот круг на претседателските избори.

Од 22 март натаму, клучните информациски и комуникациски системи на Комисијата не функционираа соодветно, што се одрази на навремената достапност на информациите, објавувањето на записниците од седниците, упатствата и одлуките, онлајн-проверката на податоците за гласачите во избирачкиот список, како и онлајн-регистарот на приговори. Ова покрена прашања во врска со ИКТ-безбедноста на ДИК, се вели во Извештајот.