По најавата за историската посета на папата Франциск на Северна Македонија, на социјалните мрежи почнаа да се шират низа дезинформации, главно околу фактот дека посетителите на мисата на Плоштадот Македонија треба да имаат билети.
Главните дезинформации беа за тоа дека само припадници на католичката црква ќе смее да присуствуваат, имплицирајќи наводна дискриминација за сите други, како и дека за билетите треба да се плати. Во една варијанта, плаќањето за билети е поврзувано со собирање пари за обнова на катедралата „Нотр Дам“ во Париз.
Тимот на „КриТинк“ директно ги провери сите овие наводи, преку посета на црквата „Свето срце Исусово“ во Скопје.
Како што е и најавено на официјалната информативна веб-страница papa.mk, учесниците на мисата и на средбата со млади на 7 мај навистина треба да подигнат билети. Билетите се бесплатни и достапни за сите граѓани без разлика дали се верници или атеисти.
Како дел од безбедносните мерки, за да добие билет, секој учесник е обврзан да се пријави со име, презиме и број на лична карта.
Билетите се подигаат во католичките цркви низ земјата, а учесниците добиваат и упатство со распоред за тоа како е најсоодветно да учествуваат во секој настан.