Игнорирана втората страна на приказната

[Рецензија: ОхридСкај: Тортура во Шутка: Веќе две недели затворениците се без струја, која им ја вклучуваат само во доцните вечерни часови?]

Текстот што го рецензираме е едностран. Во него е пласирана чувствителна информација, но е непроверена и непотврдена, а тоа ја доведува во прашање нејзината веродостојност.

Линк до оригиналниот напис: Тортура во Шутка: Веќе две недели затворениците се без струја, која им ја вклучуваат само во доцните вечерни часови?

Датум и време на објавување: 20.4.2019

Датум на рецензирање: 24.4.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

 

Написот уште во насловот информира за некаква тортура врз затворениците во затворот во Шутка, односно дека тие седеле без струја.

Тоа што е симптоматично на самиот почеток, е дека не се наведува дали станува збор за сите затвореници од сите одделенија или, пак, се работи за некои одредени одделенија во затворот.

До нашата редакција пристигнаа информации дека вистинска тopтура преживуваат затворениците што се наоѓаат во затворот во Шутка. Имено веќе две недели затворениците се без електрична енергија која според нашите информации се вклучува само во доцните вечерни часови. Ваквото нечовечко однесување кон затворениците е спротивно на сите меѓународни конвенции за човековите права.

Веста е содржана уште во првиот пасус, а тоа е дека на затворениците во затворот во Шутка веќе две недели им се вклучува струјата само во доцните вечерни часови. Тука, исто така, се нагласува дека ова е нечовечко однесување, кое е спротивно на сите меѓународни конвенции за човековите права.

На почетокот имаме информација и констатација. Понатаму, она што го налагаат новинарските правила и стандарди е дека информацијата треба да се провери од што е можно повеќе страни, а констатацијата да се поткрепи.

Меѓутоа, во овој напис такво нешто немаме.

Да потсетиме дека директорот на затворот, Ѓоко Котевски, даде оставка по инцидентот во кој беа претепани Миле Јанакиески и Спиро Ристовски поради пропусти на безбедносните протоколи, но набрзо потоа беше објавено дека ќе биде разрешен по изборите.

Имаме потсетување дека директорот на затворот, Ѓоко Котевски, поднел оставка по инцидентот во кој беа претепани Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

И тука текстот завршува. Она што недостига се изјави од засегнатите страни, во случајов директорот на затворот, кој во текстот се посочува со име и на некој начин се алудира дека е главен виновник за тортурата за која се пишува на почетокот.

Ако до редакцијата стигнала информација дека затворениците во затворот две недели седат без струја, потребно е да се побара официјална информација од затворот, да се побара изјава од директорот, и ако тоа е навистина така, може да се констатира дека се нарушени човековите права. А таквата констатација може да се потврди доколку се побара изјава од, на пример, Народниот правобранител или од некоја невладина организација што се занимава со повреди на човекови права.

Вака пласиран текстот е едностран, а информацијата не е веродостојна.  Написот не наликува на новинарски производ, туку на пренесен рекла-кажала муабет.