Самоубиствени игри: Сензационална најава за шуплива сторија

Фото: Принтскрин колаж

 

 

Повеќе медиуми кај нас пишуваа за обиди за самоубиство на тинејџери од земјава, поврзани со сугестии примени по социјалните мрежи, дури и едно конкретно самоубиство што се става на сметка на играта „Синиот кит“, ама завршува со она „се тресеше гората…“. Вистинските извори велат – има само два текста објавени во Русија што само се репродуцираат низ светот и патем се „дујат“

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Големиот број медиуми во една средина секогаш е поврзан со потребата светлината на денот да донесе некаков сензационален наслов, за да се привлече вниманието на консуматорот. Појавата на видеоигрите „Синиот кит“ и „Момо“ и наводното нивно раширување меѓу тинејџерите од целиот свет, како да беше повод да се напишат текстови или да се објават ТВ-прилози на оваа тема во домашните медиуми. Имаше ли основа? Дали прилозите точно ја димензионираа оваа опасност или само даваа совети како да се спречат трагедиите од конекциите со протагонистите на „Синиот кит“ и „Момо“и кај нас? Ова последното, ако претставувало редакциска задача, секако, бара поинакво структурирање на прилозите од страна на информаторите.

Последниот повод за отворање на оваа тема е прилогот на ТВ 21 – Што ги демне децата на интернет – „Синиот кит и Момо и во Македонија“, кој е објавен на 16 април. Веста се однесува на наводно откритие на самповредување во ОУ „Коле Канински“ (поопширни известувања имаше на  ТВ „Телма“) за што алармирале соучениците. Индикативно е дека од содржината на веста не произлегуваат никакви податоци што би го оправдувале насловот, авторката бегло поминува по веста без да се задоволат основните содржини, освен дека полицијата нема официјална пријава ниту вториот ден од настанот, ниту дека во државата е воопшто пријавен официјален случај на жртва од некоја од двете видеоигри! Но, затоа како префрлување на топката се нуди линк кон емисија на истата тема објавена во емисијата „Код“ на „Телма“, три месеци претходно

Прилогот на „Телма“, во рамките на емисија што има истражувачки амбиции, како повод го има самоубиството на дете во кочанското село Кучичино, (види поопширно ) старо 14 години. Редакцијата добила анонимна дојава во средината на ноември лани. Според прилогот, нема официјална истрага за тој случај, а на такво нешто „мириса“ и случајот во Битола.

Засега причините за смртта на момчето се базираат на претпоставки, а не и на докази. Семејството побарало да се изврши вештачење на мобилните телефони и на компјутерот, но надлежните институции досега ги немаат земено. Родителите скршени од болка не сакаат да говорат. Средината е изненадена, шокирана  од чинот што го сторило момчето, бидејќи го опишуваат како ведар лик се констатира во прилогот на „Телма“.

Текстуалниот дел од прилогот е преземен и од порталот MKD.mk, а и од други медиуми како привлечна тема, која нема оправдување во насловите и поднасловите за да знаеме за што навистина се работи, па треба да се чита текстот до последната точка или да се гледа до последниот кадар. Можно е да има разочарување кај консуматорот во однос на очекувањата. А, генерално сè се базира на некои прилози преземени однадвор, што говорат за 130 жртви на еден „чистач на човештвото“, кој си дал задача да ги отстрани сите „слаби индивидуи“ преку наведување на самоубиство.

Во сите поголеми прилози објавени или емитувани во земјава се говори дека во Русија момчето што ја измислило играта „Синиот кит“  – Филип Будејкин (21) сее смрт низ Русија, ама и низ целиот свет. Официјално истрагата, а и евентуалното обвинување во едно мало метро близу Москва е насочено кон самоубиството на 16 девојки во Русија, што секако не е малку, ама не се тоа нели 130 самоубијци, а што е почудно, никој не побарал да го види вистинското обвинение на обвинителот!

Антон Беридо, висок функционер од Обвинителството на Русија, рече:

Будејкин многу јасно знаеше што треба да стори за да го добие резултатот. Почнал во 2013 година и оттогаш ја поправал својата тактика и ги коригирал своите грешки. Филип и неговите помошници најпрво ги привлекле децата во групи, преку социјални медиуми, со помош на мегастрашни видеа. Нивната задача била да привлечат што повеќе деца, а потоа да ги дознаат оние што најмногу би биле погодени од психолошките манипулации. Оние што остануваат во играта добивале многу посилни задачи, како сечење на вените, да балансираат на врвот на некој покрив, да убиваат животно и да објават видео или слики за да го докажат тоа.

Во 2016 година, Филип Будеикин, 21-годишен поранешен студент по психологија, кој бил протеран од универзитет, тврдел дека ја измислил играта во 2013 година. Тој рекол дека неговата намера е да го исчисти општеството со туркање лица кон извршување самоубиство зашто смета дека тие што на крајот навистина ќе се самоубијат немаат вредност. Иако првично тврдеше дека е невин и изјавил оти „само сакав да се забавувам”, Будејкин бил уапсен и задржан во затвор Крести, во Санкт Петербург, а во мај 2016 година против него е подигнато обвинение за „поттикнување на најмалку 16 тинејџерки да извршат самоубиство”. Подоцна бил осуден на две точки од обвинението за поттикнување на самоубиство на две малолетни лица. Младиот Русин е осуден на три години и четири месеци зад решетки. Обвинителството имало проблем да ја докаже вината на обвинетиот, па од наводните 130 самоубијци кои биле под негова „власт“ (како што стои во илјадници медиуми и во нашите), преку 16-те за кои го товареше обвинителството,

Филип Будеикин беше прогласен за виновен за поттикнување (само) на две девојчиња, од 16 и 17 години, да извршат самоубиство, објави интернет-весникот 72.руг, цитирајќи ја помошникот на судијата, Елвира Јакубова.

Будејкин претходно изјавил дека неговите жртви се „биолошки отпад” и оти неговата самоубиствена игра е „чистење на општество”. Името „Син кит“ е врзано за самоубиството на сините китови, од непознати причини преку излегување од водата на плажите.

Коментаторите како Бенџамин Редфорд истакнаа дека сензационализираните приказни во светските вести во врска со вклучувањето на Будејкин се поврзани со само два руски извора, при што таблоидните медиуми ги повторуваат истите информации без елаборација.

Во јуни 2017 година, поштарот Илја Сидоров беше уапсен во Москва, исто така обвинет за формирање група „Син кит” за да ги охрабри децата да се самоповредуваат и на крајот да извршат самоубиство. Тој тврдел дека убедил 32 деца да се приклучат на неговата група и да ги следат командите.

Во јуни 2018 година рускиот финансиски аналитичар Никита Аљолонов беше уапсен поради наводно организирање на играта „Синиот кит“. Аљолонов е осомничен за четување со 10 малолетни девојки со цел да ги доведе до самоубиство, од кои 2, на возраст од 14 и 17, се обиделе, ама преживеале. Како финансиски аналитичар, Аљолонов е опишан како „многу умен” компјутерски експерт, кој имал зли намери во контактите со тинејџерите, верувајќи дека тие се „злобни” и „заслужни да умрат”. Полициските извештаи тврдат дека учеството на Аљолонов во играта на „Синиот кит“ е објаснувано како негово „хоби”!

Ова секако покажува дека во светот во кој живеат милијарда или уште повеќе тинејџери постојат опасни наведувања на самоубиство и притоа основна задача на медиумите е да објават практични упатства за родителите и наставниците со кои многу лесно би ги препознале лицата што „влегле во филмот“. Играта има прецизни напатствија, а ритуалот трае најмалку 50 дена пред да се случи нешто што е опасно за животот на малолетниците, со што се остава време евентуално да се спречи најлошото. Но, такво нешто кај нашите медиуми не сме сретнале, иако постојат дури и видеа (во Хрватска, на пример) што содржат практични совети.

Прилозите што на оваа тема се објавени кај нас се пример за оживотворување на ширење лажни вести со надѕидување, во добра намера (toxic news).