Стоилов се сликал со Шилегов, но некој го исекол

[Рецензија: Столе не издржа, по Заев немаше сила да се слика и со Шилегов]

Овој текст е пример за тоа како намерно можат да се шират лаги и дезинформации.

Линк до оригиналниот напис: Столе не издржа, по Заев немаше сила да се слика и со Шилегов

Датум и време на објавување: 04.06.2019

Датум на рецензирање: 05.06.2019

Рецензент: Ана Анастасовска

Текстот што е предмет на оваа рецензија шири лажна вест, дека капитенот на ракометниот клуб Вардар, по приемот кај премиерот Зоран Заев, одбил да се слика со градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Капитенот на Вардар го нема на сликата направена по средбата на клубот со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Откако претходно беше дел од средбата и сликањето со премиерот Стојанче Стоилов го нема на сликата со Шилегов кој од буџетот на град Скопје ќе префрли 100 илјади евра за Вардар за успехот во Келн.

Во прилог на ваквата вест е ставена фотографија на која го нема Стоилов меѓу оние кои се сликале со Шилегов.

Следи и дообјаснување дека „сликата на Вардарци со Шилегов е преземена од профилот на РК Вардар и на неа не е интервенирано туку е објавена целосно“.

Но, ако ваквата фотографија се провери убаво, ќе се види дека на неа и тоа како е интервенирано. Таа намерно е исечена и во овој случај злоупотребена со цел да се направи лажна вест и да се манипулира со јавноста.

 

Имено, градоначалникот Шилегов, на својот Фејсбук профил, во интерес на вистината, како што пишува, ја објави оригиналната фотографија.

Во интерес на вистината:

Стојанче Стоилов е на една од заедничките фотографии. Нека не се шири невистина. Оваа фотографија (од мобилен) ја додавам во денешниот албум, а постот нека стои. Немаме потреба од било какви делби. Славиме луѓе. Европски шампиони !!!

Напред Вардар !!!

П.С. Сликата ја (ре)објавувам, заради шпекулации дека Стоилов одбил да се слика

Она што може да се види од оригиналната фотографија е дека Стоилов се сликал со Шилегов и дека стои на крајот. Ама, изгледа, тоа за некого било совршена можност Стоилов да биде „исечен“ и едноставно да исчезне од истата. Но, дури и на исечената фотографија се гледа дел од неговото сако и раката.

Во веста има уште една лага, а тоа е дека фотографијата е преземена од РК Вардар во оригинал и дека на неа не е интервенирано. Но, ако отворите на Фејсбук профилот на РК Вардар, ќе видите дека таму фотографијата е целосна.

Ова е класичен пример за лажна вест и за манипулација со јавноста.  Задача на новинарот е да ја информира јавноста и да не шири лаги и дезинформации, но во случај кога постојат вакви вести, тогаш читателите не смеат така лесно да наседнуваат, туку мора да се информираат од повеќе извори. Читателите мора убаво да ги проверуваат информациите за да бидат сигурни во она што медиумите им го пласираат.