Светот не се врти кон Путин без оглед што го канат на свадби

[Рецензија: „Светот се врти кон Путин“]

 

„Светот се врти кон Путин“, како што претенциозно е насловен написот што го рецензираме, е кус и невешт обид да се напише вест за рубриката „Свет“, која би се темелела на наводни инсајдерски информации од неименувани германски новински извори за плановите на рускиот претседател Владимир Путин да биде гостин на уште една свадба на познат европски политичар. Но, иако кус, написот е полн со недоследности и може да се оцени како школски пример како не треба да се пишува во новинарството.

Линк до оригиналниот напис: „Светот се врти кон Путин“

Датум и време на објавување: 22.08.2018

Датум на рецензирање: 24.08.2018

Рецензент: Југослава Дуковска

Се чини, кај ова писание, буквално се е проблематично. Да тргнеме од насловот – тој навистина звучи бомбастично и е мамец за кликови што му гарантираат читаност, но проблемот е што тој воопшто не е оригинален, исто колку што е и несоодветен. Во поглед на оригиналноста, кусо пребарување на Гугл лесно ќе открие дека насловот е копиран од друг, постар напис под наслов ПРЕСВРТНИЦА НА ЗАПАД: Светот се врти кон Путин, кој датира од 2015 година.

Но, текстот од 2015  се однесува на сосема друга тема – са работи за анализа на односите помеѓу Русија и Западот во тогашниот актуелен политички момент, додека, пак, написот кој го рецензираме е, всушност, куса вест од само две реченици и се занимава со шпекулациите на некои германски медиуми околу тоа дали рускиот претседател е поканет на свадбата на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер што треба да се одржи на почетокот на октомври и дека тоа ќе биде вторпат за последниве неколку месеци рускиот претседател да биде поканет на свадба кај јавна личност од политичкиот живот на Европа.  И, додека за оригиналниот текст, овој наслов имаше оправданост на употреба, за написот кој е предмет на оваа рецензија такво нешто не постои. Да се тврди дека „светот се врти кон Путин“ затоа што рускиот претседател имал две покани за свадба за кусо време е, во најмала рака, смешно.

Проблемите со „позајмувањето“ кога е во прашање веста што ја рецензираме, не завршуваат тука. Целата вест е, всушност, копија на првите два пасуса од напис под наслов: „Путин и Вучиќ на свадба на Герхард Шредер во октомври?!“ кој е далеку побогат со информации на истава тема и донесува бројни детали околу тоа какви се шансите Путин повторно да отпатува за Германија есенва во својство на гостин на свадба и кои се политичките импликации од тоа. Се стекнува впечаток дека во написот што го рецензираме, од овој текст е земено она што можело да биде како-така ставено во функција на претенциозниот (и неоригинален) наслов, а отфрлено останатото како непотребно. Секако, тоа е направено на крајно непрофесионален начин, без наводи и цитирање на извор, како и без линкување.

„Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“.

Член 12, Кодекст на новинарите на Македонија, ЗНМ, 2001

Бидејќи ниту еден од овие методи на користење на извор на објавената информација не е искористен, се работи токму за пример на плагијаторско „новинарство“, кое и не е никакво новинарство туку ефтина пропаганда. За крај, како куриозитет од овој пристрасен и аматерски склопен материјал, може да се наведе неговата илустрација. Колку и да е очигледно дека зад него стојат пропагандистички мотиви на објавување, фотографијата на рускиот претседател Владимир Путин со непријатна гримаса, со која написот е илустриран, е толку застрашувачка и одбивна, што е контрапродуктивна во однос на неговата намена. Со ваков израз на лицето, тешко дека некој би бил радо виден гостин на свадба.