Пукање во вистината

 

[Рецензија: Полицаецот што нишанеше во народот од денес има овластување да пука без да праша (ВИДЕО)]

 

Во „обландата“ на актуелната информација за изборот на новиот директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, филувана е серија на невистини, конструкции, фалсификувани факти и обид за амнестија на учесниците на крвавите настани во собранието од 27 април минатата година.

Линк до оригиналниот напис: Полицаецот што нишанеше во народот од денес има овластување да пука без да праша (ВИДЕО)

Датум на објавување: 22.8.2018

Датум на рецензирање: 26.8.2018

Рецензент: Александар Писарев

Со замена на тези бескрупулозно се дискредитира новиот директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и се оспорува неговиот избор. Неговата професионална реакција, дозволена и со Законот за полицијата, за време на настаните да ги заштити од напад и линч пратениците и да спречи некој да загине, во текстот е опишана како: „напад на граѓани, уметници, пратеници, а, пред сѐ, патриоти во кои тој вперил пиштол и пукал“.

(Член 89 од Законот за полицијата… „Полицискиот службеник е овластен да употреби огнено оружје кога на друг начин и со употреба на другите средства за присилба не може: 1) да го заштити својот живот или животот на другите луѓе…)

Иако овие два настана немат никаква врска еден со друг, во текстот се внесува драматика дека, ете: „на истиот ден кога им се суди на тие луѓе, човек што во нив впери оружје е награден и стапува на должност како директор на Бирото за јавна безбедност“.

„Украс на тортата“ е констатацијата дека „сега тој добива прво да пука без предупредување“. Пораката упатена до читателите е провидна, дека државата ни станува „дивиот запад“, а новоименуваниот директор „шериф“ – „полицаецот што има овластување да пука без да праша“.

Еден од основните принципи на новинарската етика налага новинарот да објавува точни, проверени информации, да не прикрива суштински податоци и да не фалсификува документи.