Пост на Фејсбук шири лажна вест дека американските специјални единици извршиле рација во просториите на серверска фарма на ЦИА во Франкфурт на Мајна и дека според доказите до кои дошле, во САД се случиле изборни манипулации со цел да се „собори“ Доналд Трамп. Пртиоа, постот пренесува текст насловен како „Американската армија изврши рација во ЦИА во Франкфурт за манипулација со американските избори“. Овој текст е преземен од германски сајт, каде што веста не е достапна.
Написот кој се пренесува во постот се повикува на изјава на Томас Мекинерни, пензиониран генерал-потполковник на американското воено воздухопловство, кој служел на врвни воени позиции во Пентагон.
Во текот на рацијата дошло пукање и размена на оган. Се претпоставува дека биле убиени пет војници и еден паравоен војник на ЦИА. Но, бројот на смртни случаи допрва треба да се потврди. Мекинерни зборува за „предавство“. За серверите за кои генералот со три sвезди тврди дека биле користени на изборите во САД, потврдува дека се обезбедени и се во сигурни раце, се вели во написот.
Видеото од интервјуто со Мекинерни може да се види тука. Сегментот вклучува и интервју со Мајкл Флин, поранешен советник за национална безбедност, неодамна помилуван од претседателот Доналд Трамп.
Веста за заплена на софтвер во Германија е и претходно објавувана и оценета како лажна, според сервисите за проверка на факти на Асошиејтед прес и на Ројтерс, а таа е дебанкирана и од други сервиси за проверка на факти. И претходно се тврдеше дека во Франкфурт била изведена акција за запленување на серверите на шпанската изборна софтверска компанија Скитл со што наводно се докажала изборната измама во САД.
Од компанијата Скитл тогаш излегоа со официјална изјава во која се вели дека американската армија не им запленила ништо и дека тие немаат канцеларии во Германија.
Следејќи неколку погрешни изјави објавени на дигитални и социјални медиуми, Скитл сака да го разјасни следново: Технологиите што ги спроведува Скитл во САД се хостирани и управувани во САД, од страна на локалната подружница, SOE Software, со седиште во Тампа, Флорида; Ние не даваме табеларен приказ и не броиме гласови во САД; Немаме сервери или канцеларии во Франкфурт; Американската армија не заплени ништо од Скитл во Барселона, Франкфурт или на кое било друго место, се вели во соопштението на Скитл, објавено на нивната веб страница.
Веб-страницата на Скитл покажува дека компанијата има осум канцеларии низ целиот свет, но нема во Германија.
Сајтот Лидсторис, исто така, оваа вест ја оценува како лажна. Од сајтот испратиле прашање до Одделот за односи со јавност на Армијата во Вашингтон во врска со тврдењата на Мекинерни дека при акцијата во Франкфурт дошло до пукање во кое биле убиени пет војници. Сајтот добил повик од портпаролот, кој зборувал под услов да биде идентификуван како таков.
Портпаролот рече: Овие тврдења се лажни, пишува Лидсторис.
Навистина, нема потврдени извештаи за рација на сервер во Германија – ниту за смртни случаи како резултат на таквата рација. Мекинерни не даде докази за да ја поткрепи неговата изјава, едно од многуте лажни тврдења пропагирани за време на неговото интервју, додава сајтот.
Според сето ова може да се заклучи дека веста за некаква рација на софтвер во Франкфурт, Германија, со кој се докажала изборната измама во САД, е лажна. За таквата акција нема никакви докази, а демант за веста стигнале и од Армијата и од софтверката компанија Скитл, чиишто сервери наводно биле запленети. „Вистиномер“ и претхотно дебанкираше вести поврзани со наводни изборни измами на претседателските избори во САД на кои победи демократскиот канидат Џо Бајден. Ја дебанкиравме веста дека Џорџ Сорос е уапсен за изборни измами, а дебанкиравме и вести во врска со изборните резултати, тука и тука.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.