Астероидот Апофис нема да ја удри Земјата и нема да предизвика апокалипса

На официјалната веб-страница на НАСА пишува дека овој астероид е откриен пред 17 години, во јуни 2004 година и дека според нивните пресметки тој на 13 април 2029 најблиску ќе и се приближни на планетата Земја на далечина од приближно 40.000 километри. Оттаму имаат направено и кратко објаснувачко видео на кое се гледа како астероидот ќе и се приближи на Земјата, но нема да ја погоди. Дополнително, истражувачите на НАСА смируваат дека нема астероиди кои се од значителен ризик за удар на Земјата во следните 100 години

 

Пост на Фејсбук шири паника и страв преку сензационалистички текст кој предизвикува големо внимание на социјалните мрежи, а притоа е невистинит, шпекулативен и бајат.

ДАЛИ ЌЕ ПРЕЖИВЕЕМЕ УШТЕ ЕДНА АПОКАЛИПСА? Астериод оди право кон Европа: Кога нѐ очекува тој удар!!

Големи букви, извичници, употреба на страшни зборови како апокалипса. Овој наслов ги има сите потребни елементи да предизвика внимание и притоа да добие што е можно повеќе кликови врз основа на стравот што го шири. Насловот на текстот ќе ги извади од памет сите оние кои што ќе го прочитаат. А и самиот текст не е ништо подобар и помалку шпекулативен и паничен.

Со текстот се заплашува јавноста дека Земјата во 2029 година ќе ја погоди астероидот Апофис, дека тоа ќе предизвика голема катастрофа, смрт не луѓето кои се во радиус од неколку стотици километри од ударот и дека ќе има страшно зголемување на температурата на воздухот, катастрофални пожари, но и затемнување на Сонцето. Згора на сè, се тврди дека астероидот ќе оди право кон Европа, за стравот од апокалипса да биде уште поголем.

Без паника, ништо од ова нема да се случи. Тоа го потврдуваат и НАСА и Европската вселенска агенција.

На официјалната веб-страница на НАСА пишува дека овој астероид е откриен пред 17 години, во јуни 2004 година и дека според нивните пресметки тој на 13 април 2029 најблиску ќе и се приближни на планетата Земја на далечина од приближно 40.000 километри. Оттаму имаат направено и кратко објаснувачко видео на кое се гледа како астероидот ќе и се приближи на Земјата, но нема да ја погоди.

Дополнително, истражувачите на НАСА смируваат дека нема астероиди кои се од значителен ризик за удар на Земјата во следните 100 години.

Според Европската вселенска агенција, кога астероидот бил откриен во 2004 година, прогнозите биле дека тој има 2.7% шанси да ја погоди Земјата во април 2029 година. Но, според дополнителните податоци и истражувања, ударот на Земјата бил отфрлен и оттаму велат дека астероидот ќе и се приближи на земјата на 36.000 километри. Според Агенцијата, овој летечки објект е во листата на ризични објекти, но не и во листата на приоритети.

Во текстот како извор на информација се цитира изјава на наводен истражувач Мајкл Хорн, кој ги негира тврдењата на НАСА. Притоа, тој ова тврдење го истакнал во 2019 година, што ја прави информацијата стара, покрај тоа што е неточна. Тој ова го изјавил за британскиот таблоид Експрес, од каде го именуваат како некој „кој се нарекува истражувач научник“. Тој, сепак, за овие тврдења не приложува никакви суштински и научни докази.

Станува збор за вештачки напумпана информација која истовремено предизвикува страв, а бидејќи стравот предизвикува љубопитност и желба за дополнителни информации, со ова медиумот ќарува кликови врз грбот на испаничени и исплашени читатели.

Но и покрај тоа што тврдењата се далеку од вистината, објавата на овој текст на социјалната мрежа Фејсбук за неколку дена доби над 50 споделувања, речиси 300 реакции и повеќе од 200 коментари.