Четворицата починати за време на тестот на вакцината на „Фајзер“ примиле раствор од сол и вода, а не вакцина!

Манипулативна објава на „Фејсбук“, полна со невистини и непотполни информации, креира лажна слика дека вакцината против ковид-19 е небезбедна и на тој начин може да ја одврати популацијата од намерата да се вакцинира

Тенденциозен и полн со невистини е постот што го рецензираме, а во којшто се тврди дека „смртта продолжува да биде редовен гостин кај лицата што се согласиле да учествуваат во тестирањето на вакцините“, притоа алудирајќи на вакцината против ковид-19 на компанијата „Фајзер“ .

Иако е точно дека шест лица починале за времетраењето на тестирањето на оваа вакцина, сепак не е точно дека овие смртни случаи се поврзани со самата вакцина.

Важно е да се знае дека четворица од шестемина починати, воопшто не ја ни примиле вакцината, туку нејзиното плацебо, односно тие четири лица биле дел од контролната група. Плацебото воопшто не било вакцина, туку мешавина од сол и вода!

Исто така, не постои причинско-последична врска меѓу вакцината и другите два смртни случаи, кои се случиле во рамките на нормалната стапка на смртност за општата популација.

Потоа, првиот човек што во Велика Британија ја прими оваа вакцина не е во критична состојба. Имало четири случаи меѓу оние што ја примиле вакцината и кои добиле делумна парализа на лицето, но овие случаи не се задолжително поврзани со самата вакцина, туку овој симптом ќе се набљудува и следи кога вакцината ќе биде широко дистрибуирана.

Во самото клиничко тестирање на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ учествувале 44 илјади лица!

Во постот што го рецензираме се кажува дека еден од учесниците починал од инфаркт, но не се наведува дека смртта од инфаркт настанала дури по 62 дена од примањето на втората доза од вакцината.

Американската агенција за храна и лекови децидно истакна дека смртните случаи не се поврзани со вакцината, односно дека тоа не е потврдено.

Кон ниту еден од овие смртни случаи не се пристапи како кон случај што треба да се истражува поради студијата. Сите смртни случаи кои настапиле се настани што се случуваат во генералната популација на различните возрасни групи каде што се случиле, со слична стапка, наведуваат од Американската агенција за храна и лекови.

Не е точно ниту тврдењето дека сите од плацебо-групите во клиничкото тестирање на вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ поминале без симптоми. Токму четворица од лицата кои примиле мешавина од сол и вода, починале, се разбира неповрзано со безбедниот раствор што го примиле.

Како што објави „Гардијан“, ефикасноста на вакцината е 95 проценти, а не 88 проценти како што лажно се тврди во постот што го рецензираме.

Кога се тврди дека кај учесниците во клиничката студија дошло до појава на несакани последици како висока температура, болки и состојби што наликуваат на грип, намерно или ненамерно се пропушта да се спомене дека станува збор за краткорочни симптоми, кои што се карактеристични за повеќето вакцини, било да станува збор за обична вакцина против грип или за некоја друга, во случајот таа за ковид-19.

Така што, гледано во целина, постот што е предмет на оваа рецензија е полн со невистини и манипулации. Па, како таков – базиран на неточни, односно непотполни информации, може да ги наведе корисниците на социјалните мрежи на лажен заклучок дека самата вакцина е причинител за смртноста, а со тоа да ја одврати популацијата од намерата да се вакцинира.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.