Членовите на Балканската мрежа за борба против дезинформации ќе учествуваат во виртуелната конференција „Global Fact 7“

Конференцијата „Global Fact“ која претставува најголем светски собир на проверувачи на факти ќе се одржи онлајн од 22 до 30 јуни. На еднонеделниот виртуелен собир на virtual.globalfact7.com се очекува да учествуваат повеќе од 150 предавачи од повеќе од 40 различни земји кои ќе разговараат за состојбата и за иднината на проверката на факти.

Членовите на АДН-Балкан, кои се во исто време членки на Меѓународната мрежа за проверка на фактите (IFCN), ќе одржат специјална сесија насловена како Борба со прекуграничните дезинформации: Искуства на Балканската мрежа за борба против дезинформации.

Панелот ќе трае еден час во вторник, 30 јуни со почеток од 13:00 часот средноевропско летно време (Скопје, Белград, Тирана, Приштина), односно 14:00 часот источноевропско летно време(Атина, Софија).

Меѓу учесниците на сесијата е Бардил Јашари од Фондацијата Метаморфозис како домаќин/модератор, како и следниве панелисти:

· Филип Стојановски – Фондација Метаморфозис

· Клодиана Капо – Faktoje.al

· Танос Ситистас – Ellinika Hoaxes

· Милена Попович – Istinomer.rs

Фокусот на оваа дискусија е прашањето „Како да се справиме со медиумските манипулации што мутираат додека се шират преку границите“.

Феноменот прекугранична дезинформација заслужува посебно внимание. Овие манипулации кружат помеѓу националните политички/медиумски сфери, се прилагодуваат да одговараат на барањата на локалната пропаганда и честопати се враќаат во земјата од која потекнале во потоксична форма, разгорувајќи го говорот на омраза и дискриминација. Сфаќајки дека справувањето со овој проблем бара надградба на постојните практики за проверка на факти, членовите на IFCN од пет балкански држави ги здружија силите со пет други организации кои се залагаат за новинарство и јавната одговорност и ја формираа Балканската мрежа за борба против дезинформации, како јадро на еден широк фронт за акција со повеќе засегнати страни против популистичката и екстремистичката демагогија.

Во рамките на панелот секој учесник ќе ја претстави перспективата на својата земја заснована врз искуствата на организацијата и ќе сподели конкретен пример за борба против прекуграничните дезинформации. Исто така сите учесници заедно ќе направат споредби и синтеза на заедничките напори.

Оваа сесија е во приватниот дел и е достапна само за регистрираните учесници на конференцијата.