Дезинформацијата останува дезинформација и со прашалник на крај

 

[Рецензија: Фондот за пензиско и инвалидско осигурување празен, пензиите под ризик?]

 

Текстот што го рецензираме е контрадикторен, бидејќи во насловот под знак прашалник е ставена исплатата на пензиите, а во самиот текст, во делот каде што се објаснува на што ќе се однесува предлог-ребалансот на буџетот, има цитат што јасно вели дека се предвидени дополнителни средства за Фондот за пензиско осигурување со цел непречена исплата на пензиите.

Линк до оригиналниот напис: Фондот за пензиско и инвалидско осигурување празен, пензиите под ризик?

Датум и време на објавување: 14.10.2018

Датум на рецензирање: 16.10.2018

Рецензент: Силвана Жежова

На почетокот на текстот, економската политика на Владата се оценува како „крајно неуспешна“, наводно, од голем број експерти, кои ниту се спомнати со име и презиме ниту пишува што кажале за да се поткрепи тврдењето за неуспешноста. Доколку еден новинарски текст има цел да ја оцени успешноста на економската политика на Владата преку консултација на релевантни експерти, тие треба да бидат напишани со име и презиме и да бидат цитирани нивните изјави. Квалификацијата „голем број експерти“ во новинарски текст не значи ништо, бидејќи не дава одговор на прашањата кои се тие и што кажале.

Голем број експерти ја критикуваат и нарекуваат крајно неуспешна економската политика на Владата на Република Македонија, предводена од Зоран Заев, а во економскиот дел од министерот за финансии Драган Тевдовски и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Ребалансот на буџетот самиот по себе не е дефиниција за „лоша економска политика“, како што понатаму се претставува во текстот. Целта на предлог-ребалансот, како што изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски, е „да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ)“.

Во јавноста се поставува прашањето дали со ребалансот на буџетот што ќе биде предложен до Собранието, Владата ја признава оваа лоша економска политика. Во ребалансот се предвидени средства за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Текстот шири дезинформации дека со предлог-ребалансот, кој патем сè уште не е усвоен во Собрание, ќе се доведе во прашање исплатата на пензиите и се шири паника помеѓу пензионерите дека може да останат без пензии. Во текстот никаде не се спомнува и изјавата на министерот за финанасии Драган Тевдовски, која се однесува на навременото исплаќање на пензиите, а во која се вели: „Пензиите во секоја варијанта ќе бидат целосно и навремено исплаќани. Нема никаква дилема дека пензиите се приоритет и тие мора да бидат исплатени, рече Тевдовски во одговор на новинарско прашање“.